Молдавската претседателка Маја Санду ќе гласа за Никушор Дан на претседателските избори во Романија
Претседателката на Молдавија Маја Санду, која поседува и романско државјанство, изјави дека ќе гласа за независниот кандидат и актуелен градоначалник на Букурешт Никушор Дан на претседателските избори во Романија.
„Многу сакаме да продолжиме да имаме одлични односи со Романија. Сакаме да видиме силна, европска Романија која ќе продолжи да се модернизира во рамките на ЕУ и ќе ни помогне и ние да се придружиме на Унијата“, изјави Санду во подкаст на претседателството, пренесуваат молдавските медиуми.
Санду рече дека и во вториот круг, на 18 мај, ќе гласа за Дан. Таа истакна дека граѓаните на Молдавија покажаа голема излезност на првиот круг од изборите, што според неа покажува свесност за предизвиците со кои се соочува Романија.
Партијата „Акција и солидарност“, на чело со Игор Гросу, исто така ја даде својата поддршка за Никушор Дан на вториот круг. „Секој глас е важен за силна Романија во ЕУ и за поддршка на пристапувањето на Молдавија“, истакна Гросу на Фејсбук.
Вкупно 90.851 гласач гласаа во Република Молдавија во првиот круг од претседателските избори во Романија на 4 мај, а Никушор Дан победи со 52,63 проценти од гласовите. Лидерот на националистичката Алијанса за обединување на Романците (AUR), Џеорџе Симион, кој е прогласен за персона нон грата во Молдавија и Украина, се најде на третото место со 12,47 проценти, зад кандидатот на владејачката коалиција, Крин Антонеску, кој доби 21,69 проценти од гласовите во Молдавија.
Симион, кој доби речиси 41 процент од вкупните гласови во првиот круг, ќе се соочи со Ден во вториот круг на 18 мај, кој освои 21 процент.