Молк од Кина за извештаите за руски злосторства во Украина

Кина досега во јавноста одбиваше да ја осуди инвазијата на рускиот претседател Владимир Путин на Украина и засега не е јасно дали воопшто извештаите за злосторствата на руските војници ќе ја сменат кинеската поддршка.

Случувањата во украинскиот град Буча, како и фотографиите кои го обиколија светот во изминативе неколку дена од мртви цивили чии тела со денови биле оставени да лежат во дворови и на улиците, предизвикаа серија реакции и повици за нови санкции од светските лидери. Но, не и од Кина. Кинеските власти главно молчат.

Неколку кинеските амбасади ширум светот на социјалните мрежи, во објави и коментари го споделија ставот од корисничките налози на руските амбасади со кои се доведува во прашање легитимноста на извештаите на Буча. Кинескиот амбасадор во ОН Џанг Јун, фотографиите од Буча ги нарече „вознемирувачки“, но додаде дека обвинувањата треба да се засноваат на факти и дека деталите се уште не се проверени.

Кинеските државни медиуми во своите новински извештаи постапуваат претпазливо. Дел од нив и воопшто не ги спомнаа убиствата во Буча, додека оние кои известуваа за нив едноставно ги повторија негирањата на Москва дека руските сили биле вмешани.

Меѓутоа, на интернет во Кина, дискусијата за злосторствата е активна, и не само што го повторува руското негирање на одговорноста, туку и тврдењата од Москва дека убиствата во Буча се „уште една измама“, како што рекоа од руското Министерство за одбрана и други руски официјални лица.

 

 

Back to top button
Close