Морничав случај во Белград: Пронашол бебе завиткано во пешкир на дното во замрзнувачот, мислел дека е леб

„Мислев дека е завиткан леб, но кога го одвиткав, видов замрзнато бебе“, е воведот во морничавата исповед на маж кој пронајде новороденче во замрзнувач. Шокантните детали што ги открива, фрлаат ново светло на случајот што ја потресе Србија и регионот.

Зоран М. (62) од Земун открива морничави детали по откривањето на бебе во неговиот замрзнувач.

„Замрзнувачот се расипа, па повикав мајстор. Ми рече дека морам најпрво да го одмрзнам, па почнав да го чистам. Ги извадив сите работи од него, а меѓу нив беше и таа вреќа“, изјави Зоран М. за порталот нова.рс.

Околу 15 часот тргнал да провери како се одвива одмрзнувањето и тогаш затекнал стравична глетка.

„Видов торба во која имаше пешкир. Прво помислив дека е леб, но кога ја отворив торбата, видов бебе. Се вознемирив од глетката и веднаш го повикав синот, а потоа и полицијата“, раскажува шокираниот маж кој истакна дека не знае како завршило тело на бебе во неговиот замрзнувач, ниту што всушност се случувало.

Зоран М. вели дека сопругата го напуштила во мај во 2022 година и оти само тие двајца имале пристап до фрижидерот. Тој истакнува дека не знаел оти такво нешто се наоѓало во замрзнувачот и дека сè уште е вознемирен.

„Не знам што да мислам за сето ова, не знам што ќе правам ако е мое дете“, рече Зоран М.

Српската полиција е во потрага по неговата сопруга за да провери дали таа има некакви информации за случајот. Телото на бебето, кое било завиткано во пешкир и ставено на дното во замрзнувачот, е предадено на обдукција, по налог на Вишото јавно обвинителство во Белград, за да се утврди возраста и причините за смртта.

Според неофицијалните информации, на телото на бебето не биле видливи траги на насилство и не можело да се процени колку долго било во замрзнувач.

Back to top button
Close