Може да биде првата жена обесена за јануарските демонстрации: Зошто Иран ги осуди на смрт Бита Хемати и нејзиниот сопруг Мохамадраза Маџиди Асл
Во светот на високата политика, имињата на обичните луѓе често остануваат само фусноти во извештаите за човекови права. Сепак, приказната за Иранката Бита Хемати и нејзиниот сопруг Мохамадраза Маџиди Асл, која деновиве ја бранува меѓународната јавност, е многу повеќе од обична статистика. Ова е сведоштво за една станбена зграда во Техеран која од дом, по секоја веројатност, ќе се претвори во законска бесилка за четворица луѓе. Меѓу нив е и Бита, за која се верува дека ќе биде првата погубена жена во новиот бран пресуди по јануарските демонстрации во Иран.
Што е толку специфично во овој случај? Одговорот зависи од тоа кого прашувате, иако за тамошните околности сè е веќе видено. Оние кои застануваат во одбрана на Бита сметаат дека таа е жртва на брутален режимски процес, спроведен без докази и крунисан со смртна казна. Од друга страна, поддржувачите на Револуционерниот суд во Техеран тврдат дека со оваа пресуда е одбранета честа на Бога, а Иран е заштитен од влијанието на САД.
Пресудата на Афшари
Приказната засега се врти во западните медиуми, повикувајќи се на скромни извештаи од организации за човекови права. Според нив, Револуционерниот суд на Техеран, пред една недела, донел пресуда за петмина жители на Техеран: Мохамадраза Маџиди-Асл, Бита Хемати, Бехруз Заманиежад, Курош Заманиежад и Амир Хемати. Првите четворица се осудени на смрт под обвинение за „оперативна дејност во корист на непријателската влада на САД и непријателски групи“. Покрај најстрогата казна, тие добиле и по пет години затвор за „собирање и договарање против националната безбедност“, а изречена е и мерка за целосна конфискација на нивниот имот.
Амир Хемати, петтиот обвинет, е осуден на пет години затвор за загрозување на националната безбедност и дополнителни осум месеци за „пропаганда против режимот“.
На што реагираат активистите за човекови права?
Новинската агенција за човекови права од Иран – HRANA, повикувајќи се на содржината на пресудата, наведува дека обвиненијата вклучуваат учество во протестите на 8 и 9 јануари 2026 година, извикување слогани, уништување јавен имот и фрлање бетонски блокови и запаливи материјали од покривите. Судијата дополнително се повикува на употреба на експлозиви, „неопределено оружје“ и повредување на безбедносните сили.
Иако сите петмина ги признале делата, HRANA алармира дека постапката била нетранспарентна и без вистински докази.
„Во текстот на пресудата, до кој дојде HRANA, деталите за обвиненијата и прецизната одговорност за секое дејствие не се презентирани транспарентно. Постои сериозна загриженост дека признанијата се изнудени под силен притисок за време на испрашувањата“, стои во извештајот.
Која е Бита?
Извештаите на CBS и HRANA откриваат дека осудените се всушност соседи и роднини. Мохамадраза и Бита се млад брачен пар, Амир им е роднина, а браќата Заманиежад живееле во истата зграда со нив. Наводните дела биле извршени токму од покривот на нивниот заеднички дом. Групата се приклучила на јануарските протести во Техеран, кои започнаа како револт на локалните трговци, но прераснаа во жестока политичка битка.
Нема повеќе детали за нивниот приватен живот, но од неколкуте фотографии што се објавуваат на социјалните медиуми веројатно се работи за млади луѓе до 30 години.
Каков би бил исходот на друго место?
Смртната казна за Бита сè уште не е конечна; ја чека потврдата од Врховниот суд на Иран. Рокот за оваа одлука истекува во почетокот на мај, но западните медиуми стравуваат дека режимот ќе ја потврди пресудата по итна постапка.
Како би поминала Бита доколку овие дела ги стореше на друго место? Несомнено е дека нападот врз службени лица и уништувањето имот се кривични дела насекаде во светот (освен во нашата земја во време на „Шарената револуција“). Во западните системи, тие би се третирале како нарушување на јавниот ред и мир, со затворски казни од 2 до 20 години. Ниту еден современ правен систем на Западот не предвидува смртна казна за немири во кои нема жртви. Но, во Техеран, власта не суди за обичен криминал — таа суди за „војна против Бога“.






