Шпанија во вторник ќе побара од ЕУ да го раскине договорот со Израел
Шпанија во вторник ќе побара од Европската Унија (ЕУ) да го раскине договорот за асоцијација со Израел, тврдејќи дека нејзината влада го крши меѓународното право, изјави денеска шпанскиот премиер Педро Санчез.
„Шпанската влада ќе поднесе предлог во вторник ЕУ да го раскине договорот за асоцијација со Израел, бидејќи влада што го крши меѓународното право не може да биде партнер на ЕУ“, рече Санчез на митинг во Андалузија.
Договорот за асоцијација меѓу ЕУ и Израел, што стапи на сила во 2000 година, содржи клаузула со која односот е условен од почитување на човековите права.
Шпанија првпат го доведе во прашање овој договор во февруари 2014 година, кога Санчез и тогашниот ирски премиер испратија заедничко писмо до Европската комисија.
Во писмото се бараше проценка на усогласеноста на Израел со обврските за човекови права по почетокот на војната во Газа. Оттогаш, Санчез постепено го зацврстува својот став по ова прашање, особено во светлината на војната во Либан.
Неговата изјава доаѓа по писмото испратено од Ирска, Словенија и Шпанија до Комисијата во петокот, во кое се бара Договорот за асоцијација меѓу ЕУ и Израел да се разгледа на следниот состанок на Советот за надворешни работи.






