МВР-Мерцедесот не го возел синот на Буши туку извесен 29 годишен Г.К.

По извршени детални проверки од страна на Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди, ја известуваме јавноста дека комплетно е расчистен случајот со нелегалното користење на т.н. флешери, за кој во јавноста беа пласирани низа шпекулации, информира МВР.

„Од обезбедените видео снимки и други службени материјали, утврден е идентитетот на возачот Г.К. (29), кој управувал возило кое е во сопственост на правно лице. На Г.К. во полициска станица му е изготвен записник за констатиран прекршок од Законот за безбедност во сообраќајот и поведена е прекршочна постапка против правното лице и одговорното лице. Исто така, по извршена контрола врз возилото во полициска станица, утврдено е дека се отстранети нелегално поставените флешери.

По детални проверки на службените материјали, како и преглед на видео материјал и фотографии, констатирано е дека на 26.11.2022 во 17.25 часот во СВР Скопје е добиена анонимна пријава дека патничко возило „мерцедес“ со скопски регистерски таблички со голема брзина и вклучени флешери се движи од Качанички пат кон Скопје, по што се известени службите на терен за да го запрат возилото. Но, по неколку минути, В.А., раководно лице во СВР Скопје, дал насоки да се повлече објавата односно да не се запира возилото затоа што, како што кажал, било службено, и со тоа довел во заблуда двајца полициски службеници од Центарот за известување и команда, кои без проверка ја повлекле објавата и ја запреле потрагата по возилото“, се наведува во соопштението.

МВР соопшти дела против тројцата се изготвени иницијативи за дисциплинска постапка од Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди.

Во јавноста пред неколку дена протекоа информации дека возилото кое користело флешери е на синот на заменик министерот за внатрешни работи Назим Буши, но министерот Оливер Спасовски уште тогаш рече дека станува збор за шпекулација. Според денешното соопштение, откриен е идентитетот на возачот – 29-годишниот Г.К.

Back to top button
Close