МВР: Разбиена организирана криминална група нарко-дилери, приведени шест лица, запленета дрога вредна над 800 илјади евра
ОВР Кавадарци денеска до Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција Скопје поднесе кривична пријава за организирана криминална група, и тоа против Д.Ј.(35) од Струмица, А.У.(45) од Скопје. М.З.(29) од Куманово, М.С.(36) од Битола, К.С.(46) од Прилеп, Г.К.(25) од Скопје, поради постоење основи на сомневање дека го сториле кривичното дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори”, предвидено и казниво по чл. 215 ст.3 од Кривичниот законик на Република Северна Македонија, соопшти МВР.
Кривичната пријава за организираната група била резултат на повеќемесечна истрага во која поддршка дала и Американската служба за борба против дрога – ДЕА по која следувала вчерашната акција во која беше запленета поголема количина дрога во вредност од над 800 илјади евра.
Во Прилеп, во исто време, е лишен од слобода и М.С., кој управувал товарно возило „ивеко“, со битолски регистарски ознаки, додека во Гевгелија, на бензинска пумпа, бил лишен и организаторот на криминалната група Д.Ј., кој управувал патничко возило „опел астра“, со скопски регистарски ознаки.
-При извршен претрес кај А.У. во стан во Скопје пронајдено е поголемо количество оружје, муниција, гранати, барут и делови за оружје, за што ќе му биде поднесена и кривична пријава за кривично дело по член 396 од Кривичниот законик, а при претрес извршен во стан во Битола, кај него се пронајдени 13.600 евра и 50 илјади денари, колекција луксузни часовници, како и документација за фабрики за производство на марихуана во медицински цели. При претрес кај М.З. во Куманово, пронајдени се два пиштола и куршуми, а поголема количина парични средства се пронајдени и при претрес кај К.С. во Прилеп, полициски службеник. При претресот кај Д.Ј. од Струмица пронајдени и одземени се мобилни телефони и сим картички, парични средства,а при негов личен претрес е пронајдена марихуана. Претрес бил извршен и кај М.С. во Битола, при што биле пронајдени парични средства и обоени банкноти од евра кои потекнуваат од кражба на банкомат, се вели во соопштението од МВР.
По наредба на Јавен обвинител и добиена наредба од Судија на претходна постапка во соработка со Комисијата за оценување на исполнетост на условите и контрола за производство на медицински канабис при Министерството за здравство, во текот на ноќта е извршена контрола и во две фабрики за производство на медицински канабис во Прилеп и во Битола, со кои соработувал А.У..
-Сите шест лица се лишени од слобода и денеска ќе бидат изведени пред Судија на претходна постапка од Основен кривичен суд, а продолжува интензивна истрага со цел идентификување на други инволвирани лица во неовластена набавка, држење, пренесување и продажба на наркотична дрога. Министерството за внатрешни работи продолжува со бескомпромисната борба со криминалот, велат од МВР.