МВР: Закани за бомби во 31 училиште во Скопје
Закани за бомби утрово стигнале на електронските адреси на 31 училиште во Скопје, соопшти МВР.

-Денеска (01.03.2023) до 08.20 часот во МВР било пријавено дека на електронските адреси на 31 училиштe во Скопје е упатена закана за поставена експлозивна направа.
Веднаш по добиените пријави, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на објектите и во тек се антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случаите, велат од МВР.
Само во последните два дена пристигнаа над 100 дојави за поставени експлозивни направи. Надлежните не можат да откријат кој ги испраќа ваквите дојави и си игра со децата, родителите и цел систем. Ова го припишуваат на војната што се води во Украина и практично претставува нов начин на војување, што досега не е виден на европскиот континент.
Според податоците од МВР, досега Секторот за борба против тероризам, насилен екстремизам и радикализам при Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал до Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднесол три кривични пријави.






