На хуманитарен пикник на „Алкалоид“ собрани околу два милиони денари наменети за „СОС Детско село“

Околу два милиони денари во Фондацијата „Трајче Мукаетов“ донираа вработените во „Алкалоид“ АД Скопје, членовите на нивните семејства и нивните пријатели, за што добија специјално дизајнирана маичка.  Средствата ќе бидат донирани за „СОС Детско дело“.

Ова денеска го истакна генералниот директор на „Алкалоид“ АД Скопје, Живко Мукаетов на 10-тиот по ред хуманитарен пикник, што го организира оваа фармацевтска компанија.

Тој рече дека денеска заокружиле значаен, 10-ти јубилеј на колективна солидарност на собирот кој прерасна во празник на хуманоста за сите алкалоидовци.

– Околу три илјади наши колеги и пријатели донираа средства преку Фондацијата „Трајче Мукаетов’, кои ќе бидат наменети за „СОС Детско село“. Со оваа организација отпочнавме стратешка соработка во 2022 година со цел да ги олесниме тековните трошоци за децата под нивна закрила, едукативната поддршка, пристапот до професионално советување, бидејќи секое дете заслужува посреќно и побезгрижно детство, посочи Мукаетов.

Директорката за обезбедување фондови и комуникации на „СОС Детско село“, Силвија Брајовиќ истакна дека со „Алкалоид“ веќе три години ги поврзува едно прекрасно партнерство, кое ја покажува нивната посветеност како компанија и искрената грижа за најранливите во нашата заедница – децата без родителска грижа.

Таа рече дека донацијата претставува продолжување на трета година кумство и поддршка на едно згрижувачко семејство за тековни животни трошоци и развојни потреби на децата, кои добиваат не само материјална помош, туку и љубов и сигурност.

Соработката на „Алкалоид“ со македонската гранка на организацијата „СОС Детско село“ отпочна во 2022 година кога една од куќите на локалитетот во населба Ченто беше именувана во „Бекутан куќа“, за која компанијата ги покри трошоците за секојдневното функционирање. Во 2023 година, по повод 45-годишниот јубилеј на брендот „Бекутан“, се издвојуваше одреден процент од продажбите на оваа детска колекција и беа собрани над два милиони денари донирани на оваа организација.

„СОС Детско село“ во моментов се грижи за близу 500 деца и младинци во земјава кои се без родителска грижа или се во ризик да ги изгубат своите родители. Организацијата функционира на принципот на донации од индивидуалци, компании, институции и разни форми на партнерства.  Секој може да донира, а донираните средства се користат исклучиво за потребите на згрижените деца.

Back to top button
Close