Најновата закана на историјата

Додека Балканот не се ослободи од идеологизираната историја било какви политички договори за добрососедство и изнудени компромиси ќе станат со текот на времето неодржливи и неспроведливи

Најголемата и најисплатлива капитална инвестиција во малите држави кои немаат големи природни богатства е образованието, демократијата и правдата која последниве години се нарекува владеење на правото.

Тоа се трите основни темели кои ја гарантираат пристојната иднина на државите и граѓаните кои не можат да живеат само од издашноста на природните ресурси. Дури и земјите кои изобилуваат со природни богатства без добро образование и демократија, без владеење на правото се соочуваат со неизвесна иднина. Оваа едноставна научна вистина е докажана и во практиката низ постарата и поновата историја на развојот на современите општества.

Успешноста на политичките, интелектуалните и деловните елити е во директна зависност од остварувањето на овие три најголеми и најтешки задачи при изградба на просперитетна и демократска држава. Актуелните расправи и полемики во Македонија за најавените промени во образовниот систем поради совпаѓањето со бугарското вето на преговорите со ЕУ и со работата на таканаречената македонско – бугарска историска комисија се доживуваат како најнова закана на историјата и како наука и како обид да се менува минатото, да се осакати образованието на децата во основните училишта, како атак врз идентитетот и посебноста на Македонскиот народ. Гледано само од тој агол разбирлива е чуствителноста на најавените реформи во образовниот систем и да не се во прашање оспорувањата на историјата од страна на Бугарија.

За било која промена во образовниот систем, дури и во идеални услови, и финансиски и научни, неоходни се повеќеслојни подготовки кои бараат сериозен ангажман на повеќе научни дисциплини, соодветни образовни институции и искуства не само во промена на методологијата на лекциите во учебниците соодветни на возраста на учениците, туку и во усовршување и обуки на постојниот наставнички кадар, а уште повеќе на образованието на идните наставници и професори во високото образование, каде педагогијата и методиката заедно со примена на новите дигитални технологии заземаат исклучително значајно место.

Образованието деградирана професија

Реформите во образовниот систем не се можни без мултидисциплинарна научна, педагошка и дидактичка подготовка, без големи инвестиции и стимулирање на кадрите во комплетната образовна дејност почнувајќи од градинките, основните и средните училишта до факултетите, магистерските студии и докторатите. Со децении во Македонија одличните и многу добрите ученици не се заинтересирани за студии кои произведуваат наставен кадар. Таму младите не гледаат никаква егзистенцијална сигурност.

Од моментот кога во школството унапредувањето и оценувањето на просветните работници зависи од партиската припадност, некогаш угледната професија е деградирана на најниско ниво. Додека професијата, учител и наставник, професор во средните училишта и на универзитетите не се издигне на највисок стратегиски државен интерес не се можни успешни реформи во образовниот систем. Значи, станува збор за обемна повеќегодишна работа на повеќе научни институции и врвни педагози учебникари и авторитети кои по урнекот на успешно спроведени образовни реформи во компаративни земји, но применливи кај нас, со уважување на нашите посебности и можности можат да се направат неопходните промени за достигнување на повисоки образовни стандарди и кај учениците и кај наставниците.

Најжестоките реакции во сегашната актуелна политичка ситуација се насочени кон предметот историја иако реформите во образовниот систем треба да ги опфатат речиси сите постојни предмети, со вклучување и на нови образовни дисциплини кои од поодамна постојат во развиените земји.

Првиот предуслов за реформи во образованието е да има висока согласност на науката дека нашиот образовен систем не е добар и дека заостанува драматично брзо зад европските држави што не е тешко да се утврди споредено со резулататите на учениците и рангирањето на нашите образовни институции на светските ранг листи.

Учебник по историја не се пишува со емоции

Што се однесува до предметот историја ако барем за миг се ослободиме од емоциите на присутните негации и притисоци од соседите многу веројатно ќе се соочиме од неоходноста на суштински промени, особено во влијанието на политиката и идеологијата присутна во учебниците од најраната возраст на учениците.

Не станува збор за укинување на историјата како наставен предмет, ниту пак за потребата од припојување кон други предмети, туку за еден современ педагошки пристап на изучување на минатото, кој не е диктиран од политиката. Хоризонтот на учениците и на нивните наставници е прилично облачен во изучувањето и на сосптвената историја и на историјата на новиот век во соседството, во Европа и во светот. Само во последните сто години во југоисточна и централна Европа, на Балканот, секое парче земја е прегазена со војни, освојувања, окупации, ослободувања, повторни окупации, разорувања и милиони жртви. Секоја од овие држави денес има сосема поинаков облик отколку пред сто години. Има повеќе нови држави кои никогаш порано немале статус на независни во современа смисла, а некои кои беа независни повеќе не постојат. Според тоа, по сите овие војни и разорувања од блиското минато, две балкански и две светски војни кои се свежи во колективното памтење на повеќе генерации народите кои живеат во голема разочараност не само од минатото, туку многу повеќе од сегашноста и од неизвесната иднина се многу податливи за разни манипулации и создавање на митови и разни верзии за исти настани.

Тоа е многу опасна ситуација кога луѓето бараат виновници за своите пропусти и несигурност. Политички партии, движења и идеологии инспирирани од ксенофобија, национализам и нетолерантност се свртени кон овие маси незадоволни од бесперспективноста и сиромаштијата, па така историјата лесно станува суровина за националистички, етнички и фундаменталитички идеологии како што вели Ерик Хобсбаум, по многумина најголем историчар на 20 век. Злоупотребата на историската наука е како катранот од афионот за производство на хероин за дрогирање.

Ако нема славна историја може да се измисли

Минатото е битен елемент, можеби најглавен во тие идеологии со кои се преполни историските учебници на сите балкански земји, но на кои не се имуни ни големите европски демократии . Ако нема славно минато тоа може да се измисли. Во природата на работите е да нема секогаш целосно пристојно минато, па затоа идеологизираните истории се прогласуваат за законитост бидејќи минатото дава пославна подлога на сегашноста иако самата таа нема многу со што би се искажала како успешна. Во такви ситуации историчарите се наоѓаат во улога на главни политички личности. Па така балканските историски читанки и учебници, вбројувајќи ги и нашите можат лесно да се претворат во прирачници на омраза и нетрпеливост.

Историчарите се најодговорни за историските факти и особено за критиката на политичко идеолошката злоупотреба на историјата. Кажано наједноставно, нема јасни разлики меѓу фактите и фикциите. Некои пак идеологии на нетолеранција се засноваат на обични лаги и фикции за кои не постои доказ. За жал и тоа влегува во училишните книги.

Митот и лагите стануваат битен елемент во политиката на идентитети со помош на што луѓето денес се дефинираат себе си по етничка припадност, во минатите и сегашните граници на државите зборувајќи ние сме поинакви и подобри од другите. Тоа мора да биде грижа на образованието на сите нивоа бидејќи тие што ги создаваат митовите и измислиците се учени луѓе, световни и верски учители, професори, новинари и во последно време масовно социјалните мрежи.

Историјата не е древна меморија, или колективна традиција. Тоа е она што луѓето учат на училиште, на факултети, од црквени великодостојници, од писатели, од разни книги од областа на литературата и историјата, од компилирани написи, колумни, ТВ програми. Има тука се и сешто, од направи сам историја до убави литерарни заплети и приказни кои се далеку од науката и од доказите што треба да ги потврдат помошните историски науки.

Вистинските историчари не се популарни

Не само во учебниците, туку и во јавните настапи на историчарите историјата треба да се одвои од националните митови и политики. Тоа е особено значајно ако се случува одвнатре, односно со критичкиот пристап кон сопствените митови и тоа во моментот уште кога се создаваат. Се разбира, тоа нема да ги направи вистинските историчари популарни како естрадни ѕвезди, но тоа мора да се направи ако се сметаат и преставуваат дека се бават со наука.

Здодевниот научен јазик на историските настани не е за жестоки полемки во деликатни политички ситуации кои главно се сведуваат на тоа што сакаат да слушнат луѓето за своето славно минато по цена поразите да се прикажат како големи победи. Ако тоа не може уште долги години да се спречи во балканските политики и пресметки за власт, тоа сигурно може да се спречи во учебниците и во образованието на идните генерации. Историските комисии формирани со политички договори и парламентарни декларации, со условувања и надмудрувања не можат да го озаконуваат минатото еднаш засекогаш. Но, вистинските историчари, научници, отфрлајќи ги актуелните политички ситуации и притисоци мораат историските факти да ги прикажат во учебниците на начин кој нема да предизвикува омраза меѓу народите и денешните генерации граѓани. Додека Балканот не се ослободи од идеологизираната историја било какви политички договори за добрососедство и изнудени компромиси ќе станат со текот на времето неодржливи и неспроведливи.

Само образовниот процес подготвен од непристрасни научници може во еден подолг временски период да ги даде посакуваните резултати на добри односи и пријателство меѓу балканските народи

Ерол Ризаов

Извор: Дојче веле

Back to top button
Close