На патиштата низ САД лани погинале 43.000 лица

На патиштата низ САД минатата година погинале речиси 43.000 лица, што е најголем број на настрадани во последните 16 години и скок од 10 отсто.

Ова е најголем раст откако Националната управа за безбедност на сообраќајот на патиштата (NHTSA) го почна својот систем за собирање податоци за смртните случаи во 1975 година.

Американското Министерство за транспорт соопшти дека се соочува со криза на патиштата. Управата за безбедност на патиштата ги повика државните и локалните власти и возачите да се приклучат кон напорите за запирање на растечкиот број на жртви.

Прелиминарните податоци што денеска ги објави Управата покажуваат дека минатата година во сообраќајни несреќи загинале 42.915 лица, наспроти 38.824 во 2020 година, а конечните податоци ќе бидат објавени есенва.

Бројот на загинати во сообраќајот почна да расте во 2019 година.

Управата за ваквата состојба ги обвини несовесните возачи за време на пандемијата, а највиновно е брзото возење и возењето без појас. Пред 2019 година, бројот на погинати на патиштата опаѓаше три години по ред.

Back to top button
Close