Напаѓачот му вперил пиштол на директорот – Никој не известил дека избегал од психијатриската болница
Според директорот на Центарот, Зоран Малкоски, дел од вработените побарале медицинска помош по трауматскиот настан со пукањето вчера околу 14 часот во просториите на Центарот. Малкоски, во чија канцеларија осомничениот се заканувал со пиштол, на денешната прес конференција рече дека за сите тоа е тежок, трауматски настан кој за среќа не завршил фатално. Според Малкоски, кој се соочил со сторителот, сите сѐ уште се во шок.
– Околу 14 часот, бев во својата канцеларија и со корисници на Центарот работевме на еден случај. Одеднаш слушнав пукање и панично викање во соседната просторија до мојата, во архивата. Внимателно клиентите ги спроведов да излезат од друга врата, а јас влегов во архивата. Го видов сторителот кој пукаше и се закануваше со пиштол. Во моментов мислев дека пиштолот не е вистински. Им реков на вработените да се отстранат, а со осомничениот почнавме да се туркаме. Тој искупал во архивата, се туркавме во мојата канцеларија. Сметав, дека така е побезбедно за вработените. Во канцеларијата пак испука, па се закануваше дека ќе ми пука во ногата, и го впери пиштолот во мојата слепоочница. Цело време, траеја заканите и убедувањата, десет до петнаесет минути – изјави Малкоски.
Малкоски не знаел кога била ранета колешката, социјална работничка, а според полицијата тоа се случило при пукањето во архивата. Сторителот испукал најмалку четири куршуми. И денес во ходникот и во просториите беа видливи дупките во ѕидовите, во копир апаратот каде осомничениот пукал. Малкоски не знае зошто не биле информирани за бегството на осомничениот од психијатриската болница во Демир Хисар.
– Не знам сѐ уште зошто никој не нѐ извести за бегството на осомничениот кого добро го знаеме. Се зачудив кога го видов во просториите. Моите обиди да стапам во контакт со директорот на психијатриската болница беа безуспешни – рече Малкоски.
Во Центарот за социјални работи неколку години се водел предмет за осомничениот во бракоразводна парница.
– Во почетокот колешката која е ранета беше дел од тимот, но подоцна кога кажа дека добивала закани од него, ја отстранивме – објасни Малкоски.
Директорот на прилепскиот Центар за социјални работи овој настан го оквалификува како стравичен кој можел да се случи во кој било Центар во другите градови.
– Ова пукање е и напад на околу 1.200 вработени во сите 30 Центри за социјални работи во земјава. Не знам што треба да се преземе. Оваа е специфична институција каде 90 отсто од населението доаѓа за да се решаваат нивните проблеми. Точно е дека секојдневно добиваме вербални, па и физички закани. Мора нешто да се преземе, но треба консулстација на ниво на Министерство – вели Малкоски.
Денеска од 12:30 до 13 часот вработените на прилепскиот Центар за социјални работи излегоа на мирен собир пред институцијата. Сe заблагодарија на поддршката од колегите од другите Центри и бараат мерки и поголема нивна заштита.
– Бараме законска заштита – донесување законски измени со кои нападот врз вработен во Центар за социјална раобта ќе се третира како напад врз службено лице (напад, психички и физички,од внатрешни и надворешни субјекти). Бараме построги санкции за насилниците – итно процесирање на сите случаи на напад врз вработените во ЦСР и соодветно санкционирање. Да има физичко обезбедување – задолжително присуство на обезбедување во сите Центри за социјална работа. Психосоцијална поддршка – обезбедување бесплатна психолошка поддршка за вработените кои биле изложени на насилство. Бараме и унапредување на условите за работа – подобрување на работните услови – рече Марко Спиркоски, вработен во Центарот за социјални работи во Прилеп.
Вработените од Центарот изразија силна осуда на говорот на омраза кој континуирано се случува, а ескалираше во текот на вчерашниот ден на социјалните мрежи. Таквиот говор на омраза само ги охрабрува сите оние кои мислат дека се незадоволни и може да придонесе за ново насилство во било која институција, рекоа на мирниот собир вработените во прилепскиот Центар за социјални работи.