Нашата опозиција за сѐ има по пет става дневно, само за Украина упорно молчи! Што така?!

Што и да се постигне – или да не се постигне – во процесот на разговорите со Бугарија, за македонската националистичка опозиција тој резултат е веќе прогласен за предавство. Овој што секој ден шета како Потемкин држејќи говори по селски и градски општини за 100-те дена и 1.000-те остварени проекти на опозициските градоначалници по победата на локалните избори, само тоа го повторува: итно на вонредни избори, ако треба и со општонароден бунт, бидејќи власта во државата е криминално-предавничка!

 

Па, иако нескромно се претставува како единствена државничка, спасителска надеж за Македонија, си молчи како „заварен“ за најголемата глобална тема деновиве, за руската инвазија на Украина. Ако нешто и мисли за тоа, не смее да го изусти, бидејќи е свесен дека голем дел од неговите поддржувачи (за самиот него не знаеме) на Путин гледаат како на лидерски идол во светот. А, темата за која постојано вергла – македонско-бугарските односи – во принцип, е иста како и ревизионистичката суштина на Путиновиот однос кон Украина: украинската нација не постои, нема украински јазик, нема украинска црква, сето тоа е измислено како последица на геополитиката по Втората светска војна и затоа нејзината анексија кон руската „матица“ е задоцнета легитимна операција на Путиновите тенкови денес.

Таа проста „равенка“ во шупливите глави на многу од македонските националисти не дава ист резултат кога ќе се примени на бугарските барања кон Македонија и руските барања кон Украина. И во најдобронамерната и наивна варијанта, таму е Москва во право, овде е Софија во криво. Државната сувереност на Украина е историска измислица, наспроти илјадагодишната+ македонска национална постановка.

Но, има и дополнителна компликација: ако го погледате политичкиот состав на „репрезентацијата“ од Бугарите во Македонија која ја притиска Софија и се турка низ вратата на Радев да ги промовира нивните права во Македонија, меѓу нив има многу личности кои биле (и се) во првите редови на ВМРО-ДПМНЕ и неговите разни партиски (а и удбашки) „рестлови“ од осамостојувањето на Македонија пред 30 години до денес. Ама, денешното ВМРО-ДПМНЕ „расчисти“ со Георгиевски, „расчисти“ со Груевски, „расчисти“ и со Заев, само уште предавникот Ковачевски да го средат на вонредни избори и „чичка-нови“ можат патриотски да заседнат на власт во државата во наредните стотина години.

Во идентична антизападна конвулзија се наоѓаат и голем број македонски интелектуални национал-шовинисти импресионирани од „привлечната моќ“ на управата на Кремљ. На пример, слушнавте деновиве нешто од најистакнатите самоубедени носители на „совеста на нацијата“ од МАНУ по повод настаните во Украина? Од таму секојдневно некој држи расплакани политички говори и потпишува петиции и фејсбук-статуси против „предавствата на СДСМ“ и за западната дволичност и во принцип и кон Македонија, но нема да чуете такви политички егзегези (да ви олеснам: толкувања на Библијата и други пишани текстови) кога треба да се просудат суверените права што ги оспорува Истокот.

Поразот на Трамп тешко им падна. Путин им е сега единствената надеж за пропаста на либералниот демократски модел. Барем Кина да беше поблиску…

Koлумната на Сашо Орданоски во целост прочитајте ја тука

Back to top button
Close