НАСОКИ И “ЛЕКЦИИ“ ОКОЛУ ВТОРИОТ ПРОТОКОЛ
м-р. Глигор Стоименов
Не дека не сум пишувал околу Вториот протокол на Преговарачката рамка, кој повторно деновиве некако станува актуелен!!
Во септември минатата година објавив еден текст кој повеќе беше некое “упатство“, “препораки“ до Уставниот суд како да постапат во врска со поднесувањето на иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на Протоколот од вториот состанок на заедничката меѓувладина комисија со Р.Бугарија донесен во 2022 година, (Втор протокол), поднесен од страна на една поранешна пратеничка. За волја на вистината се изнаслушавме изминативе четири години се и сешто во врска со овој протокол. Многу креативни толкувања, многу политика, тенденциозна злоупотреба на фактите од протоколот во функција на политички агенди, едноставно да кажам многу глупости се изнаслушавме околу ова прашање. Многу емисари и “незналици“, партиски клиенти, кој све не се проба на оваа тема да ни држи лекции и да го толкува вториот протокол, за жал повеќето од нив појма немаат што зборуваат. Пред некој ден на еден медиум гледав една дебата околу Вториот протокол меѓу еден поранешен амбасадор, во сериозни години и една професорка исто така во сериозни години и да бидам искрен добро се забавував!! За жал и двајцата како да немаа претстава за што зборуваат, амбасадорот со некои забегани тези без никакви поголеми познавања од меѓународното право, партиски настроен, додека професорката никој не ја разбра што сакаше да каже, дури ни тааа самата за себе остана “недоразбрана“, но сето ова за жал е дел од нашето медиумско милје и влијанието кое го има кај граѓаните!! Затоа сме таму каде што сме!!
Но овој пат нема да се занимаваме со медиумските пропагандисти, туку ќе се потрудам на еден едноставен и разбирлив начин (колку што е можно) да објаснам некои работи од протоколот од аспект на струката, пред се од аспект на меѓународно-правните правила!!
Како стојат работите??
Како прво ќе се обидам да го објасниме значењето и правната природа на самиот протокол (дефиниција) затоа што гледам дека тука настануваат многу забуни и нејаснотии? Но сакам веднаш да разјасниме тука некои работи!! Имено јас немам амбиции да верувам дека со наведување и објаснување на правните факти и аргументи ќе биде доволно да ги разубедиме оние кои што сакаат или мораат да веруваат во официјалната владина пропаганда која вели дека Вториот протокол е штетен и го менува основниот договор (преговарачка рамка) и како таков треба да се поништи од страна на Уставниот суд. Ова се аргументи на оние кои ниту сакаат ниту имаат намера да ги почнеме преговорите и еден ден да бидеме рамноправна членка на ЕУ. Значи наспрам себе имаме официјална политика која го опструира нашиот европски пат и се самоблокира.
Но да тргнеме по ред!!
Значењето или правната природа на називот Протокол дефиниран согласно меѓународното право се однесува на дополнителен акт на претходно склучен меѓународен договор, во нашиот случај (преговарачка рамка) со кој се проширува досегот на претходниот договор, се толкуваат одредени работи, се појаснуваат, се дообјаснува смислата на определени институти или установи или пак се регулираат определени прашања за кои меѓу страните договорнички не постоела согласност и има потреба од дообјаснување на истите.
Ова е дефиницијата за називот Протокол. Не знам до тука што има нејасно. Е сега тезата дека овој протокол излегува надвор од рамките на правен акт и предизвикувал штетни дејствија врз идентитетски прашања е едно големо промашување и незнаење, тоа едноставно е само политички насочено толкување, ништо друго. Оној што го тврди ова треба веројатно и да го докаже со аргументи?? Ако внимателно се прочита протоколот ќе се види дека нема никакво отстапување од рамките. Се што е наведено таму во протоколот е само прецизирање од страна на меѓувладината комисија околу превземените обврски кои ги имале и ќе ги имаат понатаму страните согласно Договорот за добрососедство, ништо повеќе. Единствено нешто што е дообјаснето (а не е дел од Договорот за добрососедство) е она што произлегува од Преговарачката рамка, а тоа е внесување на Бугарската заедница во Уставот, а тоа е впрочем и обврска од Преговарачката рамка. Токму затоа не можам да ја разберам тезата на претседателката Силјановска на која и други се налепија и ја повторуваат мислејќи дека професорката знае?? Не, овој пат професорката не знае, не сака да знае или манипулира со умисла?? Тезата дека не пишувало во Договорот за добрососедство дека треба да го промениме уставот? А каква врска има ова?? Да точно е, во Договорот за добрососедство не пишува, ама овде се работи за протокол кој ја дообјаснува и допрецизира Преговарачката рамка (основниот договор) што впрочем е и обврска на самиот протокол согласно неговата дефиниција и правна природа. Не знам што има овде нејасно?? Ајде да организираме една јавна дебата каде што пред македонската јавност на глас ќе го читаме збор по збор Вториот протокол, ајде па да видиме што е тоа таму толку страшно што задирало во нашиот идентитет?? Нема такво нешто!! Затоа “јунаци“ излезете на мегдан па да ги соочиме аргументите, не само на прес конференции да држите монолози??
Излезете охрабрете се!!
Што се однесува до другиот аргумент со кој се оспорува овој протокол, од официјалната политика а исто така и од подносителот на иницијативата до Уставниот суд е аргументот дека овој протокол не бил ратификуван во парламентот и немал правна сила, односно бил правно ништовен?? Ма немој молим те!! За ова прашање исто така пишував но еве повторно да објасниме некои работи. Ова е област која граѓаните секако не мора да ја знаат, но исто така забележав дека е прашање кое што не им е јасно и на многу правници, адвокати, новинари, како и на оној адвокат кој ја поднел иницијативата до Уставниот суд. Имено, не ја познаваат добро оваа материја, пред се областа од меѓународно-договорно право како и Виенската конвенција за договорно право и затоа грешат. За еден договор меѓу две страни за да биде правно валиден (полноважен) не мора секогаш да биде ратификуван во парламентот. Обично правните правила околу полноважноста на договорите предвидуваат процесот на ратификацијата да биде предвиден во самиот договор. Секако дека има договори кај кои не е предвидена ратификација, не се ратификувани, па сепак се полноважни и имаат правна сила затоа што страните јасно и недвосмислено ги практикуваат одредбите од договорот. Меѓународното право е право на договор каде што најсилниот извор на правото е изразената согласност на страните да го почитуваат договореното, тоа може да биде доволно и преку формата на депонираниот потпис. Потпишаните договори меѓу двете страни можат исто така да се сметаат за полноважни и до колку не се ратификувани во парламентите, доволно е само изразената волја преку потписот на овластените претставници!! Значи ратификацијата не е единствен и нужен предуслов за да еден договор биде правно валиден. Кога станува збор пак за протоколи кои претставуваат дополнителни акти на основните договори (помали договори) нема никаква потреба од нивна ратификација а и за нив важат истите правни правила. Се разбира страните може да се договорат и тоа да го наведат во самиот документ (протокол) за потребата од ратификација околу неговата правна валидност но тоа обично не се прави. Кај нашиот Втор протокол кој е само дополнителен акт на преговарачката рамка (формализиран записник) не е никаде предвидено негова ратификација ниту пак има потреба од такво нешто, за да тој биде правно валиден, полноважен. Секако дека е правно валиден и наме основа да биде поинаку, ниту еден Уставен суд во светот не би оценил поинаку. Такви се меѓународно-правните правила едноставно, ние мора како земја страна потписничка на Виенската конвенција да се држиме до овие правила, друго нема.
Што се однесува до онаа тема околу која највеќе се “кршат копјата“ овде во текстот би сакал да објаснам некои работи. Јас сум ги читал коментарите и стравувањата на одредени професори и интелектуалци околу нивната интерпретација на значењето што и го придаваат на Историската комисија чија што динамика и работа е прецизирана во Вториот протокол. Ги разбирам до некаде што сакаат да кажат и како и на кој начин го поврзуваат работењето на Историската комисија со текот на преговорите, како и со можноста како што тие велат дека со Историската комисија и е дадена отворена можност на Бугарија да не блокира понатаму кога сака!!
Дали е тоа така???
Видете, секоја држава членка па и Бугарија може да донесе било каква одлука понатаму во текот на преговорите. Прашањето е дали и какви механизми и стојат на располагање да евентуално ја злоупотребува својата позиција како земја членка?? Исто така прашањето е дали има таква намера страната? Напротив, тие се изјасниле дека немаат и единствен услов поради кој се обврзале со Преговарачката рамка е внесување на Бугарската заедница во нашиот устав. Се друго се претпоставки, ама ние не може да живееме од претпоставки!! Согласно оваа преговарачка рамка и изразената согласност на Бугарија за почитување на оваа рамка за волја на вистината и остануваат многу малку механизми со кои може да не блокира. Како прво ние треба да расчистиме со прашањата околу тоа што мисли Бугарија и каков став има за нашиот идентитет и јазик. Таа за тоа се изјаснила и тие ставови ќе ги има уште 100 години. Нас тоа не треба да не засега. Токму затоа е преговарачката рамка која за нас е одличен механизам, да може да течат преговорите и покрај негирањето на македонскиот идентитет и различните толкувања на историјата од нивна страна. Впрочем со согласноста околу оваа преговарачка рамка Бугарија всушност се откажа од историјата и од прашањата за нашиот идентитет. Тоа се изјави на сите нивни функционери впрочем, дека единствен услов е промената на Уставот. Историската комисија веќе никој не ја спомнува таму, освен кај нас овде уште битка биеме!! Тие теми за идентитетот останаа за нашата публика овде за да им покажеме на Македонците колку се “глупи“ и колку сме ние “силна власт“ што не отстапува ниту милиметар!! За жал многу луѓе утепани од силната пропаганда ова не го разбираат.
Сега доаѓаме до Историската комисија!!
Она што забележав каде грешат одредени професори и политичари во своите интерпретации е тоа што тие не го разбираат добро “вториот“ дел од нашата преговарачка рамка кој е всушност суштински и за кој се бориме, тоа се преговорите по кластери и поглавја. Тие не можат и не знаат да го поврзат тоа во една логична целина затоа што не ја познаваат добро динамиката и методологијата на преговарање и не ги разбираат тие правни правила и духот на преговорите! Тие едноставно живеат на претпоставки, односно на теоријата како нешто не може да биде а не како да биде!! Знаете оној лузерски менталитет, “мора да има некоја замка за да ни го земат идентитетот“??Тие велат на пример ,, до колку не се сложиме во Историската комисија за некој револуционер дали е Бугарин или Македонец, Бугарија повторно ќе не блокира?? Како?? Историската комисија и динамиката на нејзината работа е прецизирана во Вториот протокол а пак сето ова е дел од предвидените Копенхашки критериуми односно добрососедски односи, каде што се вметнати почитување на Договорот за добрососедство и Преспанскиот договор!! Тоа е одделен и паралелен процес (работата на историската комисија) од преговорите по кластери. За волја на вистината околу работата на Историската комисија прецизирани се правилата преку годишните извештаи каде што е наведено прецизно дека комисијата за да донесе одлука за некоја историска личност треба да постои согласност кај двете страни и се охрабруваат двете страни да работат во таа насока. Да точно е тоа како што забележа еден новинар дека се користи терминот “охрабрува“, но во дипломатскиот јазик се користат вакви термини, охрабрува, поттикнува, поддржува, но тоа не е пресудно за она околу кое стравуваат многумина од работата на историската комисија.
Но ајде да видиме како тоа би изгледало, да се обидеме пластично да ја објасниме целата ситуација под претпоставка дека сме ги започнале преговорите!!
Да речеме еве дека сме ги започнале преговорите, сме отвориле некое поглавје, не е битно кое, нека биде за земјоделие или владеење на правото, едноставно не е битно!! Согласно новата методологија на преговарање секоја земја членка може да ни даде приговор во врска со поглавјето кое сме го отвориле па дури и за оние прашања кои сме ги завршиле и затвориле, односно било која земја до колку има некој аргумент дека нешто доцниме со некоја имплементација на нешто што е договорено може да даде приговор до Европската комисија. Европската комисија го разгледува тоа прашање ја повикува страната да се консултира околу овие приговори и евентуално до колку тој што поднел приговор во врска со тематските преговори е во право, Европската комисија и наложува на страната во одреден рок да ги поправи тие работи или едноставно застануваат тука преговорите додека страната апликант не ги усогласи наведените забелешки. Но внимавајте кај овие одлуки на Европската комисија и верификацијата од Европскиот совет нема механизам на вето туку се одлучува со квалифицирано мнозинство. Затворањето на поглавјата секако се врши со согласност од сите земји членки. Еве да претпоставиме сега на пример ние сме отвориле некое поглавје, а Бугарија пак е незадоволна од тоа што не сме се договориле во Историската комисија за некој револуционер и даде приговор до Европската комисија? Приговор за што?? Но нема механизам да даде приговор за нешто што е вон тематските преговори!! Не може и да сака? Не постојат историски прашања во преговарачката рамка во поглавјата по одредени тематски прашања? Како ќе го направи тоа. Добро еве ќе не чека кога Европскиот совет ќе го верификува затворањето на одредено поглавје па таму да не блокира?? Тоа е многу тешко затоа што кога ќе затворите едно тематско поглавје каде што сите членки се согласиле, каде што немало приговори, (немале забелешки), не може Бугарија да не блокира поради Гоце, едноставно такви се правилата. Следната блокада (вето) која евентуално би ја направила Бугарија е тек кога ќе ги завршиме преговорите. Во преговорите се од нас зависи!! Процесите и динамиката на работа во Историската комисија и преговорите по кластери се две различни теми кои ќе се одвиваат паралелно. На крајот на краиштата зар Бугарија како земја членка која се обврзала на оваа преговарачка рамка има за цел по секоја цена да не сопира понатаму, не би рекол!! Така мислевме и за Грција и за Преспанскиот договор! Па дали се случи нешто? Напротив Р.Грција стана наш лобист за членство во ЕУ и значително ги подобривме односите. Дали сте слушнале дека некој сега зборува за нашиот идентитет по Преспанскиот договор. Па не, нема веќе таков муабет. Ние мора да веруваме на изразената волја на Бугарија и на правните правила и механизми на ЕУ.
Почитувани, во интерес на просторот и времето овде ќе застанам. Има уште многу што да се каже но сосема сум свесен дека оној што не сака да верува на фактите и науката ќе верува што ќе му каже лидерот. Оние клиентите на владејачката партија ги разбирам секако, но проблемот е што тие многу малку разбираат, ама сепак “гризаат“. Ако лидерот му вели дека му го брани идентитетот ти ќе му збориш за меѓународно право, на кого бе ќе му збориш. Но сепак сум убеден дека има се поголем број на луѓе кои сакаат да размислуваат со своја глава и да носат одлуки сами за својата иднина. За среќа тој број е се поголем и поголем.






