НБРМ: Немаше реално и издржано решение за инвеститор на кој би се продала Еуростандард банка

Еуростандардбанка не најде инвеститор на кој банката би се продала, а кој би бил реално и издржано решение за нејзина одржливост на долг рок.

Ова за Фактор го тврдат од Народна банка на Македонија, на прашањето на Фактор дали не можеше да се најде подобро решение освен клучна врата за Еуростандард банка, односно таа да се продаде на субјект кој би можел да ја зајакне и така таа да продолжи да функционира.

„Еуростандард банка АД Скопје не обезбеди дополнителен капитал којшто беше потребно да се обезбеди за првата половина од оваа година, ниту издржано и реално решение за пренесување на сопственоста на инвеститор којшто би извршил докапитализација на Банката во обем и со динамика која би овозможила нејзина одржливост на краток и на долг рок“, велат за Фактор од централната банка.

Фактор од свои извори дозна дека за банката имало заинтересиран инвеститор кој денеска до 15.30 часот требало да достави обврзувачка понуда за купување на банката, во која би ја навел цената, условите, програмата за ревитализација и слично.

Која е банката или фирмата што сакала да ја купи Еуростандард, нашите извори не откриваат, само се тврди дека инвеститорот бил бонитетен, за што оценка дала и реномирана странска ревизорска куќа.

„Тоа ќе значеше дека ако овие понудени услови беа прифатливи за централната банка, постоеше опција да се склучи зделка, а доколку не, тогаш ќе станеше дефинитивно јасно дека нема ништо од продажба на банката, па немаше ништо да се смени доколку се почекаше денеска во 16.30 часот да се објави дека се укинува лиценцата за работење на Еуростандард банка“, вели нашиот извор.

Според истите извори, со овој инвеститор се воделе интензивни преговори за продажба на Еуростандард банка, а со нив биле запознаени и високи кругови во државата.

Но, очигледно дека тој инвеститор од монетарните власти во земјава не бил оценет како реално и издржливо решение за банката.

Back to top button
Close