(ВИДЕО) Сцена како од филм на Сицилија – морето исфрли 700.000 евра, полицијата го истражува потеклото на парите

Кога снопови банкноти во евра почнаа да испливуваат на брегот кај Казуца на сицилијанскиот брег, капачите беа, најблаго кажано, изненадени. Луѓето собираа колку што можеа повеќе, но нивниот ентузијазам набрзо беше прекинат од полицијата, која ги заплени парите – повеќе од 700.000 евра во банкноти – за да го провери нивното потекло.

Полицијата го заплени и глисерот од кој наводно биле фрлени парите во морето и го предаде на форензичари за вештачење.

Сицилијанските медиуми сега го објавија името на сопственикот на пловилото, кој тврди дека нема никаква врска со парите.

Инцидентот, кој повеќе наликува на филмска сцена, се случи на 28 јули. На глисерот, долг околу 5,5 метри, му снемало гориво недалеку од брегот на Казуца, западно од Марина ди Рагуза. Во него се наоѓале тројца возрасни од Малта и едно тринаесетгодишно дете, пренесува Malta Today.

Според италијанската полиција, пловилото почнало неконтролирано да плута во близина на градот Казуца, по што бил испратен повик за помош. Кога италијанската крајбрежна стража му пришла на глисерот, луѓето во него во паника фрлиле кеси со пари во морето.Околу 700.000 евра биле спакувани во пластични кеси, ставени во кеса од „Лидл“ и уште една кеса за пазарување со кечап од домати од малтешкиот бренд „Three Hills“. На изненадување на капачите, парите набрзо испливале на песочната плажа.

Италијанската полиција сега се обидува да го утврди потеклото на готовина. Пловилото е запленето заради форензичко испитување, додека малтешките државјани биле приведени, но подоцна пуштени на слобода со кауција. Нивните имиња не се објавени.

Засега, утврдените факти не укажуваат на постоење кривично дело или незаконско однесување, но сепак останува прашањето – зошто малтешките државјани кај себе имале речиси 700.000 евра во готовина и за кого биле наменети тие пари

Според сицилијанските медиуми, глисерот од кој мажите фрлиле илјадници евра во банкноти во морето е во сопственост на малтешкиот државјанин Овен Џонс.

Back to top button
Close