Не чека поблага зима со зачестени магли што оди во прилог на вирусот

Научници од Германија и Кипар во својата неодамна објавена студија упатија на фактот дека околу 15 проценти од смртните случаи од Ковид-19 може да се препишат на долгорочната изложеност на аерозагадувањето и лошиот квалитет на амбиенталниот воздух.

Според исказите на професорот Томас Минзел од Универзитетскиот медицински центар во Јоханес Гутенберг, кога луѓето вдишуваат загаден воздух, многу малите загадувачки честички поточно PM2.5, одат од белите дробови кон крвта и крвните садови, предизвикувајќи воспаление и сериозен оксидативен стрес, што е нерамнотежа помеѓу слободните радикали и оксидантите во организмот кои нормално го поправаат оштетувањето на клетките.

Глобална проценка на смртноста во (%) од Ковид-19 како резултат на аерозагадувањето. Извор: Кардиоваскуларни истражувања, Европско здружение за кардиологија

– Ова предизвикува оштетување на внатрешната обвивка на артериите, ендотелот и доведува до стеснување и зацврстување на артериите. Вирусот КОВИД-19, исто така, влегува во организмот преку белите дробови, предизвикувајќи слично оштетување на крвните садови, а сега се смета дека е ендотелијална болест. Во случај на двојно влијание или комбинација од долгорочната изложеност на аерозагадување и инфекцијата со вирусот КОВИД-19  тогаш се јавува негативен ефект врз здравјето, особено во однос на срцето и крвните садови, што доведува до поголема ранливост и помала еластичност кон КОВИД -19, посочува професорот Минзел.

Доколку индивидуата има срцеви заболувања, тогаш загадувањето на воздухот и коронавирусната инфекција ќе предизвикаат проблеми што можат да доведат до срцеви удари, срцева слабост и мозочен удар.

Ваквите најнови научни истражувања ја отворија пандорината кутија и им наметнаа на државите уште едно прашање за решавање, покрај Ковидот, а тоа е аерозагадувањето кое е поизразено во зимските месеци. Метеоролошките показатели, барем засега, укажуваат на тоа дека не очекува блага зима со релативно повисоки температури од просечните за еден нормален климатски период, постабилни атмосферски услови со можност за формирање на магла и смог, посебно во урбаните средини, што само дополнително може да ја искомплицира ситуацијата со коронавирусот.

фото: МИА, Фросина Насковиќ

– При едно вакво сценарио за сезонскиот развој на престојната зима, поголема е веројатноста за појава на зачестени епизоди со зголемено аерозагадување во урбаните средини и слаб квалитет на воздухот кој исклучително негативно би се рефлектирал врз здравјето на луѓето. Зголеменото аерозагадување во комбинација со присуството на Ковид-19 дополнително би ја влошило и онака драматичната ситуација и негативно би се одразило врз здравјето и животот на граѓаните и сите засегнати страни и ранливи групи. Навистина треба да се замислиме за резултатите од објавените научно-истражувачки студии за зголемениот број на смртни случаи на заболени од Ковид-19 во светот, како резултат на долгорочната изложеност на аерозагадување и итно да се дејствува во правец на превенирање и ублажување на состојбата, велат во разговор за МИА, авторите на анализата „Аерозагадувањето во текот на зимата 2020/2021 со осврт на Ковид-19“.

Доктор Оливер Зафировски од Институтот за белодробни заболувања Козле, раководителот на Секторот за прогноза на времето при УХРМ, Рада Аврамовска и д-р Владо Спиридинов визитинг професор на ФИНКИ, се тројцата автори на анализата кои даваат свој осврт од метеоролошки и здравствен аспект.

Во нивната анализа и најновата книга со наслов „Здравјето, времето и аерозагадувањето” се наведува дека здравствените ефекти од аерозагадувањето се сериозни и оти помалите честички претставуваат поголем ризик од поголемите или поинаку кажано луѓето се посензитивни на негативните ефекти од PM2.5 отколку од PM10 честичките.

– Големината на PM честичките е директно поврзана со нивниот потен­ци­јал за предизвикување здравствени проблеми, при што по­ма­лите честички претставуваат поголем ризик од пого­ле­ми­те. Затоа, во однос на аерозагадувањето, луѓето се посен­зи­ти­вни на негативни ефекти од PM2.5 отколку PM10. Големите честички можат да се депонираат на горните дишни патишта преку седиментација додека се наоѓаат на долните дишни патишта. Брауновата дифузијата може да ги депонира во алвеолите. Ултрафините честички можат да се пренесат преку цирк­ула­цијата на крвта и да се депонираат во црниот дроб, сле­зината или мозокот. PM2.5 е познато дека ги влошува хро­­ничните воспалителни состојби на белите дробови, вклу­чувајќи белодробна хипертензија, кардиоваскуларна болест и автоимуна болест, се вели во анализата.

Партикуларните честички и ефектите врз здравјето

Авторите посочуваат дека аерозагадувањето во урбаните средини е главен социјален, здравствен, еколошки и економски проблем и оти луѓето кои живеат или престојуваат во урбаните области се под најголем ри­зик за рес­пи­раторни заболувања и дру­ги хронични здравствени проблеми.

Секој ден, просечно возрасно лице инхалира околу 15,000 до 20,000 литри воздух. За нормално функци­они­рање на животот и актив­ностите на луѓето, неопходна е неза­гадена природна сре­дина, како клу­чен фактор за квалитетен и здрав живот на сите граѓани. Светската Здравствена Организација (СЗО) и Европската Агенција за животна средина (ЕЕА), во свои­­те последни извештаи упа­туваат дека повеќе од 80 проценти од луѓето кои жи­веат во урбаните средини се изложени на лош квалитет на амбиентниот воздух, со кон­цен­трации кои ги надми­нуваат утврдените прагови и упатства. На основа на резултатите од истражувањата на Светска Банка објавени во последниот извештај се констатира дека загадувањето на амбиентниот воздух со  PM2.5 и PM10, како и пречекорувањето на стандардите на ЕУ/СЗО во Македонија е широко распространето и штетно за здравјето на луѓето.

Во анализата се наведува дека резултатите за градот Скопје, покажуваат дека најголемите надминувања на стандардите за квалитет на амбиентниот воздух се случуваат во текот на зима. – Тоа го потвр­дуваат и научните ист­ра­­жу­ва­ња на експерти од ЈЗУ Универзитетската Клиника за Пулмо­ло­гија и Алергологија, како и други студии на наши истражувачи, кои упатуваат на фактот дека во последните не­кол­ку год­и­ни, Скопје се наоѓа на листата меѓу најзагадените градови во Европа. Проценките за концентрациите на PМ2.5 парти­куларни честички се дури за два пати повисоки од просечните концентрации во околните град­о­ви. Изложеноста на честички во воздухот е одговорна за околу 400,000 предвремени смртни случаи во Европа секоја година, се вели во анализата.

Според тројцата автори, тешко е да се даде прецизен одговор за она што не очекува во следниот период во однос на аерозагадувањето и вирусот, но, како што велат, метеорологијата може да даде ориентациона информација за временските прилики за претстојната зима и со тоа да помогне во превенирањето.

Од метеоролошки аспект, како што наведуваат авторите, во поголемиот дел од Европскиот континент се очекуваат релативно повисоки температури на воздухот од просечните, со исклучок на северозападните области каде ќе има проток на поладен воздух. Тоа, не значи дека ладните фронтови и постудени денови ќе изостанат, туку дека студените фронтови и продори ќе бидат поретки над континентот. Кај врнежите не се очекува отстапување во однос на просечните за детерминираниот климатски период од 1993-2016 година. Но, можно е  формирање на сумаглица, магла и смог посебно во урбаните средини како резултат на различните емисии, специфичната топографија на теренот, стагнантниот воздух, слабата циркулација, високата релативна влажност на воздухот и  акумулираното аерозагадување.

– Од суштинско значење за квалитетот на амбиентниот воздух во урбаните средини се атмосферските и временски услови кои играат голема улога врз загадувањето на амбиентниот воздух. Така на пример, при висок воздушен притисок, стабилно антициклонално време  без или сосема слабо струење, отсуство на мешање во приземниот граничен слој и радијационо адијабатско ладење на приземје доаѓа до постепено зголемување на релативната влажност на воздухот, презаситување и формирање на магла (Сл.2а), се вели во анализата.

Се додава дека при вакви стагнантни услови потпомогнати од специфичната топографија на Скопската котлина постепено се акумулира аерозагадувањето и се влошува квалитетот на амбиентниот воздух, со појава на високи концентрации кои можат да бидат и екстремни во случај на подолготрајно егзистирање на овие стабилни атмосферски услови.

– Но, при дестабилизација на атмосферата (продор на ладен воздух, наидување на фронтален систем или друго атмосферско пореметување, со придружни облаци и врнежи), се нарушува полето на висок воздушен притисок, атмосферата е повеќе динамична, со појава на ветрови кои ги адвектираат полутантите, ги намалуваат концентрациите на загадувачките супстанци, ја чистат атмосферата и не дозволуваат акумулирање на аерозагадувањето (Сл. 2б), се појаснува во анализата.

Поттикнати од актуелната ситуација со Ковид-19 и најновите истражувања за поврзаноста на вирусот со аерозагадувањето, тројцата автори се надеваат дека со оваа нивна анализа ќе дадат придонес во борбата против пандемијата.

– Редовната детална временска прогноза од УХМР, заедно со продуктите од новиот современ систем“ПМ-Аларм”  https://aqf.finki.ukim.mk/ за прогноза на аерозагадувањето за пет денови однапред, развиен од страна на ФИНКИ под водство на проф. д-р Боро Јакимовски во голема мера ќе помогнат во навременото информирање на граѓаните за квалитетот на воздухот во Македонија и најавата за одделни екстремни епизоди, неколку денови однапред.  Но, истите се надеваме ќе бидат од голема важност и за Министерството за здравство и сите останати надлежните органи во правец на превентивно интегрално делување и носење соодветни мерки кои ќе помогнат во ублажување на ваквите однапред најавени состојби поврзани со екстремно аерозагадување, се со единствена цел-намалување на ризиците по здравјето и животите на луѓето во оваа драматична криза поврзана со вирусот ковид-19, велат авторите.

фото: МИА, Фросина Насковиќ

Според Светската здравствена организација и ЕЕА, аерозагадувањето е најголемиот причинител за предвремена смртност и зголемен број на заболувања на населението во Европа. Речиси десет од девет лица сега дишат загаден воздух, од кој страдаат околу седум милиони луѓе секоја година. Одредени истражувања покажаа и дека штетното влијание на аерозагадувањето најчесто се поврзува со болестите на срцето, мозочните удари и ракот на белите дробови.

Повеќе детали за целосната анализа можат да се најдат на следниот линк: https://aqf.finki.ukim.mk/Zima-covid-19-2020-21.pdf

Back to top button
Close