(Не)познанството на Силјановска-Давкова и Пендаровски од студентските денови нова тема на зајадливи коментари од митинзите

Изборните митинзи на кандидатите за шеф на државата деновиве се места од кои претендентите за претседателската функција си упатуваат вербални „удари под појас”.

Една таква епизода на зајадливи коментари за ривалот на јавна сцена беше митингот на кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова, кој се одржа во неделата во скопски Центар. На пораките што таа ги упати до актуелниот претседател и кандидат за втор мандат се надоврза лично Стево Пендаровски од вчерашната средба со граѓани во Гази Баба.

Говорејќи на митингот пред центарци во неделата, Силјановска-Давкова, меѓу другото, од позиција на долгогодишна професорка на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при УКИМ, кажа дека никогаш не говори за своите студенти, но дека најдобрите од нив никогаш не ги заборава. За актуелниот претседател Стево Пендаровски, кој своето високо образование го има завршено на овој факултет, рече дека не го памети како студент.

„Никогаш не говорам за студентите, ама најдобрите не ги заборавам, секогаш кажувам сè. Не го помнам како студент. Знам дека, ете, магистирирал и докторирал откако ги усовршил аналитичките способности во Министерството за внатрешни работи“,рече Силјановска-Давкова на 14 април.

 

Ова беше повод на синоќешниот митинг на претседателскиот кандидат поддржан од СДСМ, Стево Пендаровски, во делот од собирите кој е посветен на одговарање прашања од граѓани, тој да биде прашан за коментар токму за изјавата на Силјановска-Давкова оти не го познава од студентските денови.

Започнувајќи го одговорот на прашањето со насмевка, Пендаровски кажа дека ниту тој не ја познава Силјановска-Давкова од Правниот факултет. Единствено, како што кажа, го познавал нејзиниот сопруг, во времето кога тој бил на позицијата помлад асистент на факултетот.

„Морам да признам дека и јас не ја познавам од Правниот факултет. Само еден семестар, мислам дека беше само првиот семестар кога бев на Правниот факултет, нејзиниот сопруг ми беше помлад асистент. Потоа, кратко време беше библиотекар на Правниот факултет, потоа влезе во приватни бизнис-води и знаете, стана еден од најпознатите транзициски олигарси во Македонија“,гласеше одговорот на Пендаровски.

На еден од претходните митинзи, кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ рече дека од позиција на шеф на државата не би можела да го предложи Стево Пендаровски за судија во Уставниот суд зашто, како што кажа, критериумите кои таа ги има за уставни судии се многу високи.

 

Back to top button
Close