„Европскиот фронт“- Бидете сигурни дека нема да се формира ниту една владејачка гарнитура без нашите пратеници

„Бидете сигурни дека политичките авантури неславно ќе завршат, а народот на крај ќе победи“, велат од „Европскиот фронт“

 

Ниту една политичка гарнитура – владејачка гарнитура – нема да се формира без пратениците на „Европскиот фронт“, вели Наим Бајрами од Алијанса за Албанците кој е и актуелен министер за информатичко општество и администрација во техничката влада.

Според Бајрами, пратениците на „Европскиот фронт“ се вистинските претставници на албанскиот, турскиот, бошњачкиот, ромскиот народ и, како што рече, на сите народности што се претставени во изборната програма „Европа 2023-2030 година“.

„Бидете сигурни дека политичките авантури неславно ќе завршат, а народот на крај ќе победи“рече Бајрами на денешната прес-конференција.

Бајрами рече дека не може никој да го одбие и да го негира целиот политички капитал создаден со години одговарајќи на новинарско прашање во однос на легитимноста и легитимитетот на коалициите по изборите и најавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, дека за нив посакуван коалициски партнер е коалицијата „Вреди“ на опозициските партии на Албанците.

„Не може тоа ниту Христијан Мицкоски ниту кој било друг. Од друга страна, не сакаме ни ние тоа да ѝ го направиме на другата страна, реално. Тоа е консоцијалната демократија, претставени сите сегменти на општеството во политичката власт, во системот. Значи нешто е сигурно – фактичката состојба секогаш ја детерминирала правната состојба. Никогаш не било поинаку. Во одредени моменти било, меѓутоа завршило неславно и завршило многу лошо“рече Бајрами.

Ахмети ми праќа емисари и сака да влезе во владина коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, но во неа ќе биде „Влен“, вели Мицкоски

Според него, „Европскиот фронт“ има легитимитет и тоа не може да се одбие од другата страна, а притоа да бараат легитимитет од нивниот народ кој тие го претставуваат.

„Значи, не може да станува збор за вакво нешто затоа што ние сме консоцијална демократија и ќе продолжиме така да функционираме. Никако поинаку. Секоја таква политичка авантура ќе биде ризична за европската иднина на оваа држава и за сите политички околности што ќе се случуваат после 8 мај“додаде тој.

Бајрами на прес-конференцијата, говорејќи за сето она што земјата го има направено на патот кон почнувањето на преговорите со Европската Унија, рече дека интеграцијата во ЕУ е една од главните стратегиски и програмски цели на „Европскиот фронт“.

„Овие избори се референдум за европската иднина на земјата, поддршката што ја имаме од нашите европски партнери е поголема од кога било и ова е можност што мора да ја искористиме. Не се осмелуваме да застанеме, а помалку да се вратиме назад. Знаеме како да ја подготвиме нашата земја за ЕУ велејќи ‘не’ за Русија и ‘не’ на политичките сили кои го претставуваат менталитетот на регресија и изолација во нашата земја“,рече Бајрами.

Back to top button
Close