Професорот Горан Марковски ги оспори наодите на вештакот на одбраната, Деко предложил 16 сведоци, меѓу нив и неговата ќерка
Сериозни недостатоци во вештачењето на одбраната посочи професорот Горан Марковски од Градежниот факултет при УКИМ, на продолжението на судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Според него, во наодот има селективен пристап, изоставени се важни факти, а вештакот навлегол и во области за кои самиот признал дека нема соодветна стручност.

Марковски оцени дека не биле доволно анализирани градежните и внатрешните материјали во дискотеката, меѓу кои полиуретанскиот сунѓер и декоративниот лим, како и нивното можно влијание врз настанувањето и ширењето на пожарот. Го оспори и заклучокот дека во критичната вечер имало соодветна вентилација, нагласувајќи дека за тоа мора да постојат докази.
Тој посочи дека недостасувала и независна инженерска проверка дали објектот ги исполнувал минимално-техничките услови пред пожарот. Наместо тоа, нивната исполнетост била констатирана врз основа на извештај од пазарен инспектор од 2012 година.
LANDOV Стефан Николовски: Имам концепт за стендап во Србија на македонски, со „тастер“ за превод
Марковски ги проблематизираше и градежните интервенции во објектот, меѓу кои изградбата на челичните галерии, поставувањето греди и столбови, затворањето на прозорците со декоративен лим и поставувањето полиуретански сунѓер на плафонот. Според него, овие зафати не можат да се сметаат само за внатрешно уредување, бидејќи дел од нив влијаеле врз конструктивниот систем.
Тој нагласи дека вештачењето било побарано за градежништво, архитектура и противпожарна заштита, но го потпишал само Русески, дипломиран градежен инженер, кој на судењето се изјаснувал дека нема стручност за архитектура и противпожарна заштита.
„Стручна самодисквалификација е вештачењето на Русески. Тука нема стручни спротивставености, туку сериозни недостатоци“, рече Марковски, додавајќи дека разликите во методологијата на одделни вештачења биле толку големи што се поставувало прашањето дали воопшто се анализира истиот објект.
Пред неговото излагање, Јавното обвинителство реагираше на предлогот за вештачење на Мирослав Грчев и на начинот на кој дел од одбраната планира да ги изведе доказите. Обвинителите изразија сомнеж дека предложената постапка може да доведе до одолговлекување на судењето
„Јавното обвинителство нема да се согласи во овој момент вештите лица да се произнесуваат, а особено не смее да се дозволи усогласување, бидејќи законот не познава такво нешто“, наведоа обвинителите.
Обвинителството побара листите со имињата на предложените сведоци и околностите за кои треба да сведочат да им бидат доставени на сите учесници во постапката, за да можат навреме да се подготват за испитувањето.
Одбраната на првообвинетиот Дејан Јованов предложила 16 сведоци. Меѓу нив се неговата ќерка, претставници на Општина Кочани, МВР и противпожарната служба, како и лица кои учествувале во внатрешното уредување на дискотеката „Пулс“.






