Нефункционална држава

Почитувани читатели, ја почнувам Новата 2025-та година со нова колумна на стара тема, посветена на стечајот на Еуростандард банка.

Веќе петта година по ред, просечно по 45 до 50 колумни на годишно ниво објавувам на порталите низ Македонија, укажувајќи на пропустите направени од страна на Народна банка за носењето на Еуростандард банка во стечај, потенцирајќи ги соучесниците кои на Народна банка ѝ дадоа ветер во грб за ваквиот злостор.

Заклучокот е единствен. Без политичка или партиска поддршка за ваквиот чин стечајот немаше да се направи. Улогите на Собранието на Република Македонија, Техничката влада, Јавното обвинителство и судство денеска се јасни, бидејќи не направија никаков исчекор за да се стопира ваквиот неразумен чин.

Техничката влада даде силна поддршка за стечајот. Истиот се направи во период кога немавме формирано Собрание на Република Македонија и Влада на Република Македонија. За време на нејзиниот мандат донесе две контрадикторни уредби со сила на закон кои што се однесуваа за периодот на вонредната состојба поради пандемијата Ковид-19.

Со првата уредба, донесена на 24 февруари 2020-та беше забрането носење на правен субјект во стечај минимум 3 месеци по завршувањето на вонредната состојба. Со исто таква уредба, објавена во Службен весник на 29 мај 2020-та година се укина претходната уредба и се дозволи стечај веднаш по завршувањето на вонредната состојба. Единствениот правосилен правен субјект, кој беше однесен во стечај, беше Еуростандард банка.

Улогата на Народна банка сè уште ми е матна. Зошто мораше да ја носи Еуростандард банка во стечај, прескокнувајќи инструменти кои ги имаше на располагање за нејзина стабилизација?

Брзајќи, час поскоро да ја однесе Еуростандард банка во стечај , прескокна инструменти кои ѝ стоеја на располагање, како вонредни мерки, како и вториот инструмент, а тоа е административно преземање на Еуростандард банка под нејзина контрола. Информации за водењето на стечајот јавноста нема. Ќе споделам со вас непотврдени информации дека има средства за исплата на сите правни и физички лица, клиенти на банката. Има и повеќе.

Очигледно е непочитувањето на одлуката на Уставен суд во која што Фондот за осигурување на депозитите беше исфрлен од листата на побарувачи од стечајната маса на Еуростандард банка.

Денес, по неофицијални информации, фондот е обештетен со блиску 80% од нивните побарувања, од средствата на стечајната маса на Еуростандард банка, иако согласно одлуката на Уставниот суд тие не смеат да бидат ставени на листата на побарувачи.

Почитувани читатели, носење на банка во стечај за секоја држава значи и поткопување на економскиот и стопанскиот живот во државата.

Денес Еуростандард банка е минато. Но јас сѐ уште водам битка да ја докажам ступидноста на Народна банка предводена од Гувернерот Бежоска за носење на Еуростандард банка во стечај.

Како акционери вложивме сѐ што имавме како капитал. Како акционери најдовме и партнер кој беше спремен да ја докапитализира банката по желба на Народна банка.

Сето тоа Народна банка го отфрли, бидејќи имаше цел, а претпоставувам и наредба, моето семејство финансиски да биде ликвидирано.

Веќе петта година стечајната постапка се води со мои финансиски средства, а истата чини минимум 6 милиони евра.

Срамот е голем. Но не за мене, туку за мојата држава и нејзините институции.

До кога ќе бидеме, ние чесните граѓани, прогонувани и уништувани во сопствената татковина од неранимајковци кои ја приграбиле власта во свои раце и вршат мафијашки, криминални деанија?

Веќе петта година од институциите на мојата држава сум осуден да живеам од воздух и вода, со замрзнат имот кој не смеам да го стопанисувам, ниту отуѓувам.

Нема да дозволам да го кутнат моето достоинство. Тоа е светиња за мене.

Разочарувањето во мене е силно, бидејќи сум вљубеник во мојата татковина, а мојата љубов кон неа ја имам докажано со дела. Тешки ми е на душата кога гледам како мојата сакана татковина ми враќа на начин со кој ја отсликува нашата реалност на нефункционална држава, ставајќи нѐ нас граѓаните да се срамиме.

Се најавуваат промени во судството и обвинителството. Го молам Господ и актуелниот Премиер Мицкоски, ваквите промени да ги направи во интерес на граѓаните на Република Македонија, а не согласно досегашната пракса ваквите промени да се прават за ситни партиски интереси.

Важам за јавна личност во севкупниот наш политички и општествен живот. Не барам милост од институциите и од вас граѓаните, туку барам правда…

Трифун Костовски

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close