Нема да има ревизија на обвинението за ,,Пулс”. Савески за кочанската трагедија

Републичкиот јавен обвинител Ненад Савески, во интервју за неделникот ,,Фокус” зборува и за кочанската трагедија во која загинаа 63 деца, а над 200 беа повредени.

ФОКУС: Одбраната во случајот за трагедијата во Кочани бараше ревизија на обвинението, на што им одговоривте дека тоа би можело да се случи по завршување на доказната постапка. Дали и вие се согласувате со постоечката правна квалификација, односно дека постои верижна одговорност и на сите обвинети треба да им се суди за „Предизвикување на општа опасност“?

САВЕСКИ: Сè додека не дојдов на позицијата на која сум денес, од надвор и без никаков увид во доказите, и јас како и поголемиот дел од јавноста се прашував дали оваа правна квалификација може да опстои кон толку широк круг осомничени. Станува збор за најтешката трагедија што ја задесила оваа наша држава и за која како институции им должиме одговори и правда, пред сè, на жртвите и нивните семејства. Затоа уште веднаш кога ја презедов функцијата се сретнав со јавните обвинители, кои постапуваат во предметот за пожарот во „Пулс“. Разговаравме за доказите и за тоа што тие го утврдуваат со обвинението.

Судската постапка е контрадикторна. По изведување на сите докази ќе се добие јасна фактичка состојба и тогаш ќе може да се процени дали е соодветна правната квалификација за делата кои им се ставаат на товар на обвинетите. Таму свои докази изнесува и одбраната. Откако ќе се анализираат сите докази, на крајот на постапката, обвинителите имаат право и да го прецизираат обвинението, да сменат правна квалификација, што не значи и дека задолжително ќе се случи. Тоа е можно само ако произлезе од доказите. Таков беше и мојот одговор и до адвокатите. Некаква надворешна ревизија на обвинението не е можна, вели обвинителот Савески.

ЦЕЛОТО ИНТЕРВЈУ МОЖЕ ДА ГО ПРОЧИТАТЕ ВО НАЈНОВИОТ БРОЈ ОД НЕДЕЛНИКОТ “ФОКУС” КОЈ ШТО МОЖЕТЕ ДА ГО КУПИТЕ И ВО ЕЛЕКТРОНСКА ФОРМА НА ОВОЈ ЛИНК

Back to top button
Close