НЕМА УСПЕШНА ЕКОНОМИЈА БЕЗ ИДЕЈА, БЕЗ ВИЗИЈА И БЕЗ СТРАТЕГИЈА!

ПОВОД – Написот на Проф. Мерсел Билали ⁹


Соговорникот на Проф. Билали, презентира мошне реална слика на економските состојби во РМ. Штета што Професорот не го наведува името на соговорникот..
Економската стратегија на РМ беше подготвена од МАНУ, највисоката научна установа во државата, пред околу две и пол децении. Во подготвувањето на овој документ учествуваа голем број академици, професори, стопанственици и разни експерти. За подготвувањето на Економската стратегија беа потрошени огромни буџетски, односно народни пари, документот беше преведен на англиски јазик и широко дистрибуиран во РМ и во странски земји!
По објавувањето на Економската стратегија внимателно ја разгледав и стекнав впечаток дека се работи за список на убави желби. Јавно реагирав и укажав дека во спомнатиот документ нема приоритети, а се заговара развој на сите стопански области и индустриски гранки, но во документот не се посочени изворите на средства за финансирање на ваквиот економски развој. Еден новинар, кој по струка е историчар, наместо да се занимава со Хобсбаум, упорно ја пропагира Економската стратегија и постојано поставува прашање зошто истата на се реализира?
По судирот Тито-Сталин во 1948 година, за да ги избегне критиките и евентуалната воена интервенција поради нарушувањето на принципите на комунизмот, односно социјализмот, Југославија пристапи кон доследна примена на економскиот модел на Ленин, кој го фаворизираше развојот на тешката индустрија, а го демонизираше развојот на аграрот како синоним на „кулакот“ кој беше третиран како главен непријател на пролетерите. Моделот на Ленин не беше применет само во Чехословачка, посебно во Чешката Република, а во Југославија само во Словенија, додека најдлабоки корени имаше пуштено во Советскиот Сојуз и во Југославија и посебно во Република Македонија. Иако беше главен идеолог на советскиот развоен модел, Ленин откако ги согледа дефектите на неговиот развоен модел се заложи за НЕП (Нова економска политика).
Моделот на Ленин е, за жал, длабоко вкоренет во РМ и нималку не е случајно тоа што незаситните македонски профитери настојуваат да го одржат по секоја цена. Треба да се погледа списокот на компаниите кои учествуваат во трговијата со дефицитарната струја и се ќе биде јасно. Енергетската мафија ја сочинуваат поранешни и актуелни влијателни политичари и членови на нивните семејства, кои водат сметка само за нивните лични и семејни интереси, на штета на државата и народот. Република Македонија ќе биде заглавена во калта се додека на нејзино чело не дојде харизматичен лидер со идеи, со визија и со стратегија за забрзување на економскиот развој и за успешен настап на регионалниот, европскиот и светскиот пазар.
Неименуваниот соговорник на авторот на написот со право укажува на запоставеното земјоделство, односно на производството на храна во РМ. Во последно време храната станува се поактуелна, меѓутоа во РМ нивите се непосеани и неожнеани, ливадите се не окосени, а луѓето од нај аграрниот регион, односно од југоисточна РМ, масовно се иселуваат во Италија, Швајцарија и други западно европски земји каде се занимаваат во главно со земјоделски работи.
По крахот на социјализмот и по распадот на Југославија, Република Македонија требаше да пристапи кон темелна анализа на развојот на македонската економија во минатиот период и да дефинира нова економска стратегија. Киро Глигоров дојде во РМ со ореол на голем економски реформатор, меѓутоа, наместо успешни реформи направи економски геноцид во државата.
Со искрени намери да дадам свој придонес во дефинирањето на развојна стратегија на РМ пишував бројни написи, кои ги доставував до македонските медиуми, меѓутоа, со мошне ретки исклучоци, тие не ги објавуваа. Меѓу исклучоците спаѓа Либертас, кој повремено објавува мои написи. Ја користам оваа пригода да изразам благодарност на уредниците на овој медиум за храброста да објавуваат макар селектирани мои написи.
Пред околу две седмици беше отпечатена мојата седма книга од кои две се во една книга и доколку сте заинтересирани со задоволство би Ви поклонил по еден примерок од нив.
Скопје, 20 март 2023 година Коста Стоименовски

Back to top button
Close