Непостоечко обраќање на Путин кон Европејците се шири на Фејсбук
„Вистиномер“ не успеа да пронајде ниту еден извор, медиум, или пак видеоматеријал од ова наводно обраќање на претседателот на Русија Владимир Путин. На 7 ноември 2024 година, постои објавен видеоматеријал од говор на рускиот претседател кој е преведен на англиски јазик на Скај Њуз, каде Путин во еден дел од говорот вели дека „Русија не ја доживува западната цивилизација како непријател“. Но останатиот дел од наводното обраќање на Путин е измислен
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:
Владимир Путин им се обрати на Европејците!!
Русија никогаш не била ниту ќе ви биде непријател! Не сакаме европски ресурси и богатства, имаме свои, апсолутно не ни требаат вашите ресурси..
Русија е земја со најмногу ресурси во светот.
Не ја сакаме вашата земја, ниту територија.
Погледнете до каде е Русија на мапата. Русија е двојно поголема од ЦЕЛА Европа на едно место, што ни треба од вашите територии, што ќе правиме со нив?
Зошто мислите дека Русија е непријател на Европа?
Каква штета ви направи Русија?
Дали ви продававме гас и ресурси по пониски цени од сегашните, кои вашите „пријатели“ ви ги продаваат?
Дали Русија жртвуваше 26 милиони луѓе во Втората светска војна, за ослободување од нацизмот?
Дали Русија прва и’ помогна на Европа за време на ковид пандемијата?
Дали и’ помогнавме на Европа кога имаше пожари и природни катастрофи?
Што ви направи Русија што толку ја мразите?
Русија не ви е непријател, вистинските непријатели ви се лидерите, оние кои ве водат!
„Вистиномер“ не успеа да пронајде ниту еден извор, медиум, или пак видеоматеријал од ова наводно обраќање на претседателот на Русија Владимир Путин. На 7 ноември 2024 година, постои објавен видеоматеријал од говор на рускиот претседател кој е преведен на англиски јазик на Скај Њуз (линк до видеото овде) каде Путин во еден дел од говорот вели дека „Русија не ја доживува западната цивилизација како непријател“.
Но, во останатиот дел од говорот не споменува ништо ни за европските територии во смисла на наведеното во објавата („не ја сакаме вашата земја ни територија“), ниту пак, зборува за останатите аспекти од наводниот говор и обраќање што се споделува во објавата. Исто така, кога ќе се погледнат постари изјави и говори на Владимир Путин, како на пример тој објавен на 1 јануари 2024 година, ставот за тоа дали Западот е непријател на Русија му е дијаметрално спротивен. Така во говорот од 1 јануари 2024 година Путин вели:
Поентата е не само дека тие (Западот н.з) му помагаат на нашиот непријател, туку тие самите се нашиот непријател. Тие ги решаваат нивните проблеми со украински раце, рече Путин за време на состанок во воена болница во московскиот регион, а пренесе Анадолу агенцијата.
Путин во тој ист говор продолжи да зборува „дека ваква била ситуацијата со Западот со векови“ и дека продолжува и денеска (1 јануари 2024 година). Тогаш според Анадолу тој велел дека „Украина не е самата по себе непријател на Русија, туку тие што се обидувале да ја уништат руската државност и да предизвикаат стратешки пораз на Москва на бојното поле“.
Има луѓе што сочувствуваат со нас, но има и таканаречени западни елити, за кои постоењето на Русија, барем во нејзиниот моментален квалитет, големина, мислат дека е неприфатливо, додаде Путин на 1 јануари 2024 година.
На 27 октомври 2022 во првата година од неиспровоцираната воена инвазија што ја спроведе Русија врз Украина, Путин во говор рече:
Русија не се смета за непријател на западот. Русија се обиде да изгради врски со западот и НАТО, со истата порака – ајде да живееме заедно пријателски.
И во минатото „Вистиномер“ анализираше дека на социјалните мрежи се шират измислени пораки и говори на Путин кои тој не ги искажал. Така на пример, постоеше говор кој му се атрибуираше на Путин, а не беше негов. Интересно е што и тој измислен говор, слично како и оној во објавата што ја рецензираме, привлече големо внимание и им донесе на овие објави голема виралност.
Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.