„Невидливите бесови на срцето“ – ново издание на Три кое ја менува дефиницијата за љубовта
„Невидливите бесови на срцето“ од ирскиот писател Џон Бојн, кој зборува за љубовта низ призмата на различна сексуална ориентација, е ново издание на Издавачки центар ТРИ.
Преведен од англиски од Горица Попова, овој роман е уште една современа приказна од авторот познат на читателите по делото „Момчето во пижами на риги“.
„Привлечен и скандалозен, романот претставува парадоксална одисеја на еден обичен човек и на една цела нација, залутани во времето. Посвоениот Сирил завршува кај една богата ексцентрична двојка кај која ништо не му недостига. Освен љубов. Тој е изгубен во светот и единствената светла точка во неговото детство се запознавањето со необичното момче Џулиен и љубовта кон него“, се вели во описот на делото.
Џон Бојн е роден во Даблин, Ирска, во 1971 година. По шеснаесет романи за возрасни, шест романи за деца и млади, две новели и една збирка раскази, денес во книжевниот свет е познат како писател на меѓународни бестселери.
Од Издавачки центар ТРИ дополнуваат дека Бојн во секое свое дело на изнемоштените и навидум безнадежни книжевни ликови им дава шанса да се пробијат до излезот, не преку барање на светлината како патоказ, туку со тоа што самите стануваат светилник.
Овој роман е дел од едицијата „Нашите приказни“, поддржана од Европската Унија. Со книгите од овој проект ТРИ имаат за цел да ги доближат и до македонските читатели европските популарни автори и книги кои веќе имаат свое место во светската литература, поттикнувајќи позитивни промени во светот.
Романот е достапен во сите книжарници на ТРИ.