Николовски: Има откуп и пласман на пролетната зелка од Струмичко, со производителите бараме решение за откупната цена

 

Заедно со земјоделците ќе најдеме решение за откупната цена на пролетната зелка во потесен круг со претставници на институциите и со претставници на производителите за да ја следиме состојбата и да наоѓаме решенија, рече министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, по денешната средба со претставници на производители на пролетна зелка, кои пред два дена го искажаа своето незадоволството од ниските откупни цени и побаара средба со него.

Министерот Николовски потенцираше дека сакаат да ги знаат состојбите на терен и постојано се со земјоделците, бидејќи, како што рече, тие се најважни за Владата и Министерството, посебно кога се носи Националниот план за храна и како тој да се зголеми. Рече дека не се ангажираат само за увозните гранки, туку и тие кои се извозно оринтирани како што е градинарството.

На средбата земјоделците најмногу забелешки искажаа за работењето на откупувачите.

-Сите откупувачи треба да знаат дека мора да работат согласно законските прописи. Мора да ги исполнуваат сите услови и дека не смее да се прави каква било манипулација, ниту при носењето во самите откупни пунктови, ниту со вагите, белешките, со сите останати работи. Ние ќе ги собереме сите информации и Инспекторатот за земјоделство постојано ќе биде на терен, зашто нам ни е битно земјоделците да бидат заштитени. Никој не е привилегиран, не штитиме никој друг освен нашето домашно производство за кое се бориме, подвлече Николовски.

Денешната средба со министерот земјоделците ја оценија како конструктивна.

-Се договоривме во наредните три дена тројца членови од нас земјоделците да имаме во работната група, која ќе ги дефинира конкретните чекори како да се излезе од оваа состојба, рече Драги Памуков, производител од село Куклиш.

На средбата со земјоделците, покрај министерот Николовски, присуствуваа директорот на Инспекторатот за земјоделство, Зоран Шапуриќ, директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот разво, Никица Бачовски, шефот на кабинетот на министерот, Трајан Димковски и градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов

Back to top button
Close