Нова линија на Туркиш ерлајнс: Охрид-Истанбул

„Од 27-ми март, Туркиш ерлајнс ќе лета на линијата Охрид-Истанбул. Авиокомпанијата веќе ги пушти во продажба билетите за летната сезона“, објави специјализираниот портал за авио сообраќај “Ексјуевиејшн”.

Турската авиокомпанија ќе ги користи авионите Ербас А321, Боинг 737-800 и Б737-900, а авионите ќе летаат четири пати неделно: во понеделник, четврток, петок и недела.

„Со воведување на двете новите дестинации Истанбул – Охрид и Базел Милхаус – Охрид, практично започнуваме нова ера во развојот на авиосообраќајот токму преку охридскиот аеродром. Од Охрид ќе може да се лета насекаде низ светот бидејќи стратегијата ни даде резултати. Го донесовме Туркиш ерлајнс кој ќе лета четири пати неделно од главниот аеродром во Истанбул кон Охрид и тој е еден од најголемите аеродроми со најмногу поврзувања“, изјави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.

 

Оваа линија Истанбул-Охрид е дел од линиите за кои Министертвото за транспорт ќе обезбедува финансиска подршка за период од 2025-2027 година, согласно јавниот повик што го објави оваа година.

На јавниот повик три авиопревозници доставија понуди: Флај Дубаи, Туршиш ерлајнс и Визер. Согласно критериумите, финансиската подршка е во висина од 9 евра по патник во доаѓање за патници превезени до „Меѓународен аеродром Скопје“ и 12 евра по патник во доаѓање за патници превезени до аеродромот „Св. Апостол Павле“– Охрид. За прв пат се применува моделот на субвенционирање на патници во доаѓање. Поради тоа, се очекува зголемување на бројот на патници за 200 илјади годишно.

Покрај Истанбул, од Охрид ќе се лета и кон Базел- Милхаус, а од Скопје директно ќе се лета кон Барселона, Дубаи, Лион и Штутгарт. Воспоставувањето на линијата Охрид-Истанбул значително ќе влијае врз развојот на туризмот на охридско-струшкото крајбрежје.

Back to top button
Close