Нова победа на Петер Маѓар – унгарскиот претседател ќе поднесе оставка
Унгарскиот претседател Тамаш Шуљок го потпиша 17-тиот амандман на Основниот закон на Унгарија, кој предвидува дека мандатот на сегашниот претседател завршува денот по стапувањето во сила на амандманот.

Во видео објавено на социјалните мрежи, Шуљок изјави дека бидејќи претседателот не може да ги упати уставните амандмани на Уставниот суд за суштинска ревизија, тој нема уставни средства да го оспори сегашниот амандман, и покрај неговата потенцијална несогласност со уставните принципи, објавува MTI.
Тој рече дека со потпишувањето на законот, ја исполнува својата должност пропишана со Основниот закон, откако внимателно ги разгледа законските опции и дејствуваше во согласност со својата совест.
– Мојот потпис претставува конечна потврда за моите претседателски должности и знак за моето апсолутно почитување на функцијата претседател на државата во сите околности – рече Шуљок.
Во понеделник, на 13 јули, унгарскиот парламент го усвои 17-тиот амандман на Уставот, кој овозможува прекинување на мандатот на претседателот Шуљок, а унгарскиот премиер Петер Маѓар оцени дека тоа е важен чекор во, како што изјави, враќањето на уставниот поредок и реформата на државните институции.
139 пратеници гласаа за промените на Уставот, шест беа против, а немаше воздржани, објави претходно унгарскиот портал „Индекс“.
Унгарската влада денес објави дека доставила извештај до полицијата за сомневање за злоупотреба на јавни средства за време на набавката на образовен софтвер за време на претходната влада на Виктор Орбан.
Премиерот Маѓар, кој го победи Орбан на априлските избори, вети порешителна борба против корупцијата и формирање независно тело за истрага на наводни коруптивни практики за време на владеењето на Орбан, објавува Ројтерс.





