Нови 57 случаи заболени со ковид-19 изминатата недела, починати се четири лица

Нови 57 случаи на ковид-19 се регистрирани во земјава изминатата недела, во периодот од 9 до 15 септември, што е намалување од 48,6 отсто во споредба со претходната седмица.

Во овој период во лабораториите во кои се спроведува молекуларно и антигенско тестирање за присуство на вирусот, биле земени 285 материјали што е за 36,5 отсто помалку во однос на претходната недела.

Најголем дел од новозаразените, или вкупно 39, се во Скопје, а најголема инциденца е регистрирана во Делчево, се наведува во најновиот извештај од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).

Новозаболените се од сите возрасни групи, а најголем дел на возраст над 60 години.

Во овој период биле пријавени четири починати лица од кои две во Скопје и по еден во Битола и Тетово. Сите починати лица биле на возраст над 70 години. Тројца од нив починале во болнички услови и биле со коморбидитети. Во извештајот на ИЈЗ се наведува дека сите лица се невакцинирани против ковид-19.

Во текот на оваа година, заклучно со 15 септември во земјава се регистрирани 1 560 заболени и 20 починати лица со ковид-19.

Back to top button
Close