Нови дојави за бомби: Евакуирани 39 основни и средни училишта во Скопје

Дојави за поставени експлозивни направи и денеска се стигнати на електронските адреси на основни и средни училишта во Скопје.

Според информациите од Министерството за внатрешни работи денеска „бомбашите“ испратиле електронски пораки до 21 средно и 18 основни училишта.

Од МВР велат дека учениците и вработените во училиштата веднаш се евакуирани и во тек се проверки на објектите.

 

„Денеска до 10 часот во МВР било пријавено дека на електронските адреси на 21 средно и 18 основни училишта во Скопје е упатена закана за поставена експлозивна направа. Веднаш по добиените пријави, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на објектите и во тек се антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случаите“, се наведува во соопштението од МВР.

Министерството за образование и наука им препорача на училиштата кога ќе добијат закана за бомба да организираат онлајн настава наместо целосно да ја прекинуваат наставата тој ден.

За да не се губат часови, учениците треба за еден час, колку што им е потребно да се вратат во своите домови, да се приклучат онлајн за да ја следат наставата. Вчера беше првиот ден кога учениците од училиштата каде имаше дојави за поставени бомби, откако беа пуштени дома, се уклучија на онлајн настава.

Во дописот што МОН го испратил до основните и средните училишта биле посочени и начини за користење на електронските адреси и насоки за зајакнување на контролата за влез и излез во училиштата.

Во меѓувреме, епилог од истрагата за дојавите нема, она што го тврдат од власта е дека сето тоа е хибридна војна и е поврзано со војната во Украина. Вчера премиерот Димитар Ковачевски рече дека има интересни првични резултати, но не откри детали. Како интересен податок што го спомена тој, е тоа што била донесена одлука за префрлање на мејл-серверите на посебни сервери на училиштата, но новите електронски адреси веднаш биле доставени до дојавувачите.

Back to top button
Close