Новото нормално изгледа прилично страшно

Вчера американскиот потпретседател Џеј Ди Венс отиде на Гренланд, на местото каде што не го сакаат, и каде што неколку часа пред слетувањето на неговиот авион во американската воена база, беше формирана новата гренландска влада која веднаш им порача  на САД да ги тргнат рацете од островот. Изјавите што ги даде Венс од воената база не се само неоколонијалистички, туку изгледаат и прилично застрашувачки за светскиот поредок. Речиси да имаат синоним во непредизвиканата руска агресија на Украина. И тие инстантно се претворија во најцрн дипломатски кошмар за Данска, бидејќи самоуправниот Гренланд формално е данска територија.

Пред да наведеме некои од многу радикалните пораки на Венс ќе се навратиме на она  одушевување што го имаше (а можеби и сѐ уште го има) премиерот  Христијан Мицкоски  од говорот на американскиот потпретседател на Минхенската безбедносна конференција. На годишната конференција на американските конзервативци во Мериленд, Мицкоски не беше говорник, туку беше интервјуиран од политичката коментаторка Кеј Ти Мекфарланд. Во разговорот Мицкоски рече дека говорот на Венс во Минхен бил историски настан. „Не велам дека сум во право, можеби некои европски политичари ќе ми се налутат, но тоа беше инспиративен говор. Важно е дека по говорот некои од публиката го критикуваа Венс, а некои рекоа дека тоа било своевидно мешање во внатрешните работи на суверени држави, бидејќи потпретседателот Венс наведе многу примери кои не се во согласност со слободата на говорот, со демократијата, со нашите споделени вредности“.

Потоа веднаш по враќањето дома во општина Гази Баба, ја повтори оваа егзалтација. „Таа е линијата, тоа е новото нормално што доаѓа од Вашингтон и што ќе го преплави светот. Тука нема играње. Ние сме тие што први го запоседнуваат теренот. Тоа е мојот начин на работа, нема втора шанса за прв впечаток. Запоседни го теренот, па потоа кој и да дојде, втор, трет се реди зад тебе. Мора да го запоседнеме теренот и да се пронајдеме во новото нормално“.

Христијан Мицкоски и Ричард Гренел
Фотографија: Nordmazedonischer Premierminister Hristijan Mickoski

Неколку дена подоцна, на 27 февруари, Мицкоски, одговарајќи на пратенички прашања во Собранието, ја нападна Европската унија, повторно цитирајќи го говорот на потпретседателот Венс за недозволивоста од мешање во внатрешните работи на други држави.

„Ако некој не го сфати говорот на Венс за мешањето во внатрешните работи, што да кажеме“, рече Мицкоски, посочувајќи ги како такви примери промената на името и знамето на државата, а сега и барањето за промена на Уставот, додавајќи: „Ако тоа не е мешање во внатрешните работи, не знам што е“.

„Данска не ја заврши својата работа“

А сега да видиме што е мешање во внатрешните работи и тоа од истиот тој Џеј Ди Венс, и тоа толку грубо да погрубо и не може да биде. Од територијата на Гренланд, од базата Питуфик, и тоа само неколку часа откако новиот премиер на гренландската влада, Јенс-Фредерик Нилсен го изјави ова:

„Ние не сакаме да бидеме Американци. Не, не сакаме да бидеме Данци. Ние сакаме да бидеме Гренланѓани и сакаме своја независност во иднина… И сакаме сами да ја изградиме нашата сопствена земја“.

Дали е важно во новото нормално  кога претседателот Доналд Трамп пред некој ден изјави дека „на овој или оној начин ние ќе го земеме Гренланд“. И дали е дипломатски умесно, па и навредливо за земјата чија територија е Гренланд, да се зборува со толку навреди токму од таа територија.

Затоа, за да ги разберете облиците на тоа ново нормално еве неколку од изјавите на  Џеј Ди Венс од базата на Гренланд:

„Видете, рече претседателот, јасно е дека не мисли дека воената сила ќе биде неопходна, но тој апсолутно верува оти Гренланд е важен дел од безбедноста, не само на САД, туку и на светот. Гренланд е исклучително ранлив во моментов и се надевам дека народот на Гренланд ќе биде партнер со САД“.

„Ние би можеле да ги направиме многу побезбедни, би можеле да направиме многу поголема заштита и мислам дека тие би стоеле многу подобро и економски“.

„Ова мора да се случи, а причината поради која мора да се случи, мразам да го кажам тоа, е затоа што нашите пријатели во Данска не ја завршија својата работа за да ја зачуваат оваа област безбедно. Тие едноставно не го направија тоа“.

„Она што мислиме дека ќе се случи е дека Гренланѓаните ќе изберат, преку самоопределување, да станат независни од Данска, а потоа од таму ќе имаме разговори со  народот на Гренланд“.

„Не мислиме дека некогаш ќе биде потребна воена сила. Мислиме дека ова има смисла, и бидејќи мислиме дека луѓето на Гренланд се рационални и добри, мислиме дека ќе можеме да склучиме договор“.

Џеј Ди Венс во базата на Гренланд
Фотографија: Jim Watson/AFP

„Бидејќи она што значеше безбедносниот чадор на Данска е, всушност, тие сето тоа им го пренесоа на храбрите Американци и се надеваат дека ќе го платиме ние“.

„Се надевам дека ќе изберат да бидат партнери со Соединетите Држави, бидејќи ние сме единствената нација на земјата која ќе го почитува нивниот суверенитет и ќе ја почитува нивната безбедност, бидејќи нивната безбедност е во голема мера наша безбедност“.

„Треба да се разбудиме од неуспешниот 40-годишен консензус кој рече дека можеме да го игнорираме навлегувањето на моќните земји додека тие се прошируваат во нивните амбиции. Не можеме само да ја закопаме главата во песок или на Гренланд, да ја закопаме главата во снег, и да се преправаме дека Кинезите не се заинтересирани за оваа многу голема копнена маса. Знаеме дека се“.

Овие повеќе цитати се важни да се разбере „новата нормалност“ на американската политика, заедно со тарифите од 25 отсто за сите странски возила што се продаваат во САД. Од што штета ќе има и македонската автомобилска индустрија. „Ефектите ќе бидат лоши, пред сѐ за автомобилската индустрија во Европа, но посредно и за компаниите во нашата земја кои произведуваат компоненти за автомобилската индустрија“, рече Виктор Мизо, генерален директор на „Костал Македонија“ и прв човек на Советот на странски инвеститори при Стопанската комора на Македонија во изјава за „Независен“.

Тревога во Словачка

Друг еден европски играч, словачкиот премиер Роберт Фицо, исто така беше воодушевен од новата нормалност во Америка. Тој имаше и посебен говор на конференцијата на американските конзервативците во февруари. Па дури и претседателот Трамп поименично го спомена во своето обраќање на конференцијата заблагодарувајќи му се лично. Фицо таму се сликаше со Илон Маск, лобираше словачката автоиндустрија да биде поштедена од санкциите што уште тогаш се најавуваа, но сега разбра дека тој и неговата земја биле само една од играчките во „новото нормално“.

Словачка е автомобилски центар. Во земја со 5,4 милиони жители, минатата година се произведени околу еден милион возила. Автомобилската индустрија е движечка сила на економијата на земјата, која вработува 200.000 луѓе. Словачка е домаќин на четири производители на автомобили, поддржани од голем број производители на компоненти. Покрај „Киа“, „Јагуар Лендорвер“, „Стелантис“ и „Фолксваген“, наскоро ќе им се придружи и фабрика на „Волво“.

Владата на Фицо се надева дека тарифите на некој начин ќе се одложат. А ако не се одложат, тоа може да предизвика социјална и економска експлозија во земјата.

Дали некој во Македонија, особено оние што ги глорифицираат Трамп и Маск, и оние како Мицкоски кои го сметаат Венс како проповедник, пастор на новото време, воопшто помислуваат на понижувачкиот однос што го има новата американска администрација спрема Европа. Ако не помислиле, или не размислиле, само нека прочитаат некои секвенци од експлозивниот разговор преку апликацијата Сигнал на клучните луѓе во Вашингтон, на кој сосем случајно беше приклучен главниот уредник на-  списанието „Атлантик“, Џефри Голдберг.

Европски „неблагодарници“

Ако не сте ги прочитале деталите, еве само неколку од нив за да го сфатите презирот кој овој Вашингтон го негува спрема Европа, за време на  споделувањето на воените планови за нападот на Хутите во Јемен.

„Мислам дека правиме грешка“, напиша Венс до групата. „Три проценти од трговијата со САД тече низ Суец, а 40 проценти од европската трговија се одвива преку Суец“. Тој мислеше на Суецкиот канал меѓу Азија и Африка.

„Не сум сигурен дека претседателот е свесен колку е ова неконзистентно со неговата порака за Европа во моментов“, додаде Венс. Потоа, подоцна во размената, тој напиша: „Едноставно мразам повторно да ја спасувам Европа“.

Доналд Трамп, Џеј Ди Венс, Пит Гегсет и Мајк Волц
Фотографија: Mandel Ngan/AFP via Getty Images

Министерот за одбрана Пит Хегсет му рече на Венс: „Целосно ја споделувам вашата омраза кон европската неблагодарност. ПАТЕТИЧНО Е“.

Во интервју објавено во саботата, специјалниот пратеник на Белата куќа, кој е вклучен во преговорите со Русија, Стив Виткоф, му рече на поткастерот Такер Карлсон дека „Европа денес е нефункционална“. Тој додаде уште една точка: „Европа умира, за жал“.

Во анализата на американскиот магазин „Њусвик“ под наслов „Каков проблем има Џеј Ди Венс со Европа“, поранешниот француски министер за надворешни работи Ибер Ведрин ја претстави својата теорија за ставовите на Венс. „Администрацијата на Доналд Трамп  не гледа сојузници, само зависни лица кои ги смета за паразити“, рече Ведрин.

Запрашан дали тонот на Венс – и, во продолжение, самиот став на САД –  може да ја поттикне Европа кон долго посакуваната стратешка независност, Ведрин рече: „Немаше веќе глобален поредок под американско водство, само структура на воена доминација. Сега треба да одлучиме – дали ќе се браниме или ќе се рспаднеме под идејата дека заштитата повеќе не е бесплатна“.

Ведрин истакнува дека улогата на Венс се чини дека е да внесе јасност меѓу американските сојузници преку Атлантикот. „Неговото непријателство кон сојузите е намерно. Тоа е вкоренето во идејата дека надворешната политика треба да служи на тесен домашен наратив… Тоа го прави опасен, но, на некој начин, корисен. Тој ја принудува Европа да се соочи со прашање што го избегнуваше со децении“.

Ако е така, тогаш македонското водство треба добро да размисли зошто  нашата држава прва од регионот ги доби првичните 52,4 милиони евра  од Планот за раст на  Европската унија.  Од нив 24,4 милиони веќе се легнати на сметката на Министерството за финансии во Народната банка, 15 милиони се грант и се префрлени во Инвестицискиот фонд за Западен Балкан, а останатите 13 милиони евра се заем и се во процедура на исплата.

Исто така треба да размисли и за податоците од најновиот Евробарометар дека тројца од четворица Европејци гледаат корист од членството во ЕУ. Во бројки, тоа се 74 отсто од Европејците во сите земји-членки кои веруваат оти нивната земја има корист од членството во ЕУ. Рејтингот на ЕУ е на рекордно високо ниво откако прашањето за првпат беше поставено во 1983 година. Дури и во Унгарија на Виктор Орбан, 74 проценти сметаат дека има голема корист, пред Италија (67%) и Франција (65%). Бугарите во анкетата се на последно место, 61 отсто мислат дека имаат корист од членството во ЕУ.

Кога уште ќе се додаде дека огромниот дел од најтешко повредените во трагедијата во Кочани беа префрлени во европски болници, благодарение на системот за помош на ЕУ во вонредни ситуации, а од американскиот Стејт департмент не стигна ни порака со сочувство до нашето МНР или државата, а сите европски лидери го направија тоа, тогаш изгледа дека премиерот некако погрешно го разбира „новото нормално“. Тоа навистина изгледа како „ново нормално“, но тоа е на голема штета на Европа, а ние, колку што разбира географија секој основец, сме дел од Европа, а не од американската држава. Тоа веќе брутално го разбра словенечкиот премиер Роберт Фицо, а кога тоа по 2 април ќе почне да се разбира во фабриките за автомобилски делови во Охрид, Битола, Кавадарци, Прилеп, Скопје може да биде многу болно. Тогаш премиерот можеби ќе се потсети на неговите зборови: „Тука нема играње”.

(DW)

Љупчо Поповски 

Back to top button
Close