Си: Свет без меѓународно право е како раскрсница без семафор
Денко Малески
„Свет без меѓународно право е како раскрсница без семафори…“, ќе изјави кинескиот претседател Си Џијаопинг на неодамнешниот самит на азиските држави. Со овие зборови тој му оддаде признание на меѓународно право како на исклучително важен инструмент за комуникација меѓу државите. Но, тој ништо не идеализира зашто ја знае и улогата на силата. На самитот со Трамп одржан во Пекинг пред четири месеци Си го предупреди американскиот претседател да не падне во „стапицата на Тукидид“, спротивставувајќи му се со сила на економскиот и воениот подем на Кина.

Силата, како што покажува искуството со војната во Украина, е одлучувачка, особено кога една држава ќе се соочи со „егзистенционална закана“ за каква Русија го прогласи ширењето на НАТО во Украина. Но живеејќи долго во ерата на демократијата, ние во Европа заборавивме дека под мирната вода на меѓународното право демнат вечните гребени на политиката изразена во моќ.
Оттаму и тешкотијата да разбереме дека исто онака како што, со прогласување на либералната демократија, не сме стасале „до крајот на историјата“ во домашното општество, такво нешто не се случило ниту во меѓународното. Иста приказана одново и одново, би рекле реалистите, кои тврдат дека војната е вечен сопатник на човекот а„вечен мир“ има само на гробишта. Затоа патот до мир во меѓународните односи е комбинација на правото и политиката, второто име за дипломатија. Ако една голема нуклеарна сила ви вели да не се ширите во Украина зашто тоа е „црвената линија“ за неа, а вие продолжите со серија измами дека сте за мир а ,всушност се подотвувате за војна, на крајот ќе ја добиете војната. Ако сакате војна – повелете, ќе им порача Путин на европските политичари денес од Москва.
Во меѓувреме, Русија целосно се свртува кон Исток, тој огромен евроазиски земјен географски потег полн со економски потенцијали.Треба само да преживее човештвото со умна меѓународна политика која ја нема во моментов, за да види како фрчат брзи возови од Европа до Кина и Индија.
Читајќи ја метафората на Си за семафорот се сетив дека, пред години, и самиот сум ја употребил во дебата со моите студенти. Само од малку поинаква позиција – на мала држава која нема моќ, економска или воена. „Замислете вие возите „фиќо“, имате зелено на семафорот, од другата страна јури огромна „Сканија“ чиј возач нема намера да ви даде предност која ви следува според правото. Ќе сопрете ли или ќе терата по правото?“ .Ме изненадија мнозина кои, во жарот на полемиката, упорно мислеа дека, како министер за надворешни работи, сум требал да возам и натаму зашто сум имал „зелено“.Тие, очигледно, не ја слушнале онаа британската за некакви гробишта во Лондон на чиј влез стои табла испишана со зборовите ;„Овде лежат оние што имале предност“.
Примерот на Си укажува на еден непобитен факт дека меѓународното право е незаменлив механизам за комуникација меѓу државите зашто ги ублажува можностите тие да се судрат кога секоја би правела само она што го сака без да ги земе предви интересите на другите. Јас, пак, ја употребив матафората за да укажам на важоста да се разберат реалните односи на сила во меѓународната политика, ако не сакате да бидете смачкани од посилните, како што денес е смачкана Украина.






