О’Нил: Победата на Шин Фејн го отвора патот за нова ера во Северна Ирска

 

Појавата на Шин Фејн како најголема политичка партија во Северна Ирска е клучен момент во оваа британска покраина и го отвора патот за нова ера, изјави денеска потпретседателката на оваа ирска националистичка партија, Мишел О’Нил.

-Денес е значаен момент за промени. Ова е клучен момент за нашата политика и нашиот народ, рече О’Нил, која е на чело на Шин Фејн во Северна Ирска.

Како што пренесуваат британските медиуми, таа кажа дека за првпат во историјата на Северна Ирска, од 1921 година наваму, партијата Шин Феин веројатно освоила најмногу места во покраинскиот Парламент, иако пребројувањето на гласовите сè уште не е завршено.

Според Би-Би-Си, крајната цел на Шин Фејн е Северна Ирска да ја напушти Велика Британија и да се обедини со Република Ирска.

Како што додава британскиот јавен сервис, меѓутоа победата на Шин Фејн на овие избори не значи дека наскоро ќе се одржи и референдум за обединување со Ирска.

Договорот за Северна Ирска од 1998 година вели дека Белфаст останува дел од Велика Британија и ќе остане таму, освен ако мнозинството граѓани не одлучи поинаку на референдум

Back to top button
Close