ОЈО: Возачот што ја прегази девојката на „Партизанска” бил без дозвола, под дејство на алкохол и поминал на црвено светло
Основното јавно обвинителство Скопје донесе наредба за спроведување истражна постапка против 20-годишното лице, кое вчера, како учесник во сообраќајот на вклучено црвено светло на семафор ја прегази Фросина Кулакова, која на обележан пешачки премин ја преминувала коловозната лента.
Како што наведуваат во соопштението, лицето е осомничено за „Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“ од член 300 став 2 во врска со член 297 став 1 од Кривичниот законик.
– Осомничениот 20-годишник, на 29 јануари, како учесник во сообраќајот на јавните патишта, управувал патничко возило „Пежо 207“ сопственсот на неговиот татко по десната сообраќајна лента од булевар „Партизански Одреди“. Меѓутоа, не се придржувал кон прописите и со тоа го загрозил јавниот сообраќај. Автомобилот го управувал без возачка дозвола и под дејство на алкохол со 0,82 промили присуство на алкохол во урина, со што го довел во опасност животот на луѓето, наведуваат од ОЈО.
Од Обвинителството додаваат дека кога осомничениот дошол пред обележан пешачки премин на крстосницата со ул.„29-ти Ноември“, не ја приспособил брзината на движење на возилото спрема својствата и состојбата на патот и сообраќајот и другите сообраќајни услови за да може навремено да го запре возилото пред секоја пречка.
– Пред пешачкиот премин регулиран со семафори кои за време на незгодата работеле исправно, продолжил со движење на вклучено црвено светло на семафорот и со предниот лев дел од возилото удрил во телото на пешакот-жртва Фросина Кулакова, која на обележан пешачки премин попречно ја преминувала коловозната лента. Од ударот оштетената се здобила со тешки телесни повреди од кои на лице место починала, се наведува во соопштението.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје доставил предлог за определување мерка притвор за осомничениот.