Обдукциите: Повеќето жртви се задушиле од јаглерод моноксид, дел починале од згмечување во стампедото

Во судницата беа презентирани едни од најтешките материјални докази во процесот – над 60 писмени извештаи од извршените обдукции на настраданите, објави 4news.mk

Деталите од наодите на судска медицина откриваат морничава слика за последните моменти на жртвите, од кои голем дел биле на возраст од 16 до 25 години. Извештаите недвосмислено потврдуваат дека смртта кај сите настапила насилно.

​Смртоносниот чад: Над 50 лица починале од јаглерод моноксид
​Читањето на наодите потврди дека најголемиот број од жртвите не починале од самиот оган, туку од густиот и отровен чад кој брзо го исполнил просторот. Обдукциите покажуваат дека кај повеќе од 50 лица, причина за насилната смрт е труење (интоксикација) со јаглерод моноксид.

​Меѓу жртвите кои настрадале на овој начин се прочитани имињата на десетици млади луѓе, меѓу кои: Јорданчо Џамов (31), Иван Трајчев (24), Џоко Ѓорѓиев (24), Ивана Антова (21), Павел Христовски (20), Драгана Минова (16), Филип Ивановски (16), Димитар Иванов (16), Леонид Велков (17), Надуца Наунова (17), Сара Јорданов (17), Матеј Марковски (18) и многу други.

​Дел од обдукциските наоди сведочат за хаосот, паниката и стампедото кое настанало при обидот да се избега од пламените јазици. Кај четири од жртвите, експертите по судска медицина констатирале насилна смрт предизвикана од компресија, односно силен притисок на градниот кош, што укажува дека биле згмечени во толпата.

Обдукциите открија и дека хаосот и паниката што настанале при обидот за бегство довеле до трагичен крај за четворица млади луѓе, кои починале од компресија (згмечување во толпа): Стефанија Алексова (19), Диме Димитриев (31), Сара Алексова (21) и Моника Спасова (26). Кај дел од жртвите, пак, како причина за смртта е наведен апсолутен недостаток на кислород, додека кај Ѓорѓи Величков е утврдено термичко оштетување на дишните патишта.

На крајот на рочиштето беа презентирани и извештаите за Александар Глигоровски (29) и Стојанче Стефанов (24), кои им подлегнаа на повредите додека се лекувале во странство. Денешното рочиште беше исполнето со тешка емотивна атмосфера, соочувајќи ја јавноста со суровата реалност на една од најголемите трагедии во историјата на земјата.

 

Back to top button
Close