Обвинителство контра судот: Доставивме доволно докази и за притвор и за кривичното дело


Јавниот обвинител во својата жалба до Кривичниот совет на Основниот кривичен суд Скопје детално ги образложи причините поради кои смета дека одлуката на судијата на претходна постапка да не определи мерка притвор за осомничените во конкретниот случај е неоснована, велат од Обвинителството.

„Обвинителството ги има и ги приложи сите докази дека постои реална опасност четворицата осомничени кои се лишени од слобода да се дадат во бегство, да влијаат врз сведоци (вклучувајќи ги и оштетените, но и осомничените кои се уште се недостапни), како и да го повторат делото“,

велат од ОЈО Скопје.
По реакцијата на Кривичниот суд дека не се приложени доволно докази за делото за кое се гонат осомничените, од Обвинителството објаснуваат:

„Во однос на обележјата на кривичното дело – Загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај од член 303 од КЗ опишано во ставот 2 oд тој член, тие се исполнети со самата можност да се загрози безбедноста на аеродром за меѓународeн воздушен сообраќај со акт на насилство и не е неопходно да настапила катастрофална штетна последица во смисла на тешка повреда, смрт или уништување,“

посочуваат од Обвинителството.
По низата рекации во јавноста за одлуката на судијата на претходна постапка да не го прифати предлогот за притвор за осомничените за случајот М-НАВ, од Кривичниот суд денеска порачаа дека постапиле врз основа на приложените докази.

„Самиот предлог на јавниот обвинител воопшто не води во правец на посоченото кривично дело. Меѓутоа, според доставените докази произлегува дека во конкретниот случај осомничените презеле одредени дејствија кои дополнително треба да се истражуваат, но не во контектст на наведеното кривично дело за кои според ОЈО постои основано сомненевање“,
порачаа од Кривичниот суд Скопје.

Судија на претходна постапка од Кривичниот суд на 5 јануари годинава им определи мерки за претпазливост на четири лица, меѓу кои и Беким Незири, поранешен министер, советник на директорот на М-НАВ и претседател на огранок на ДУИ, осомничени за загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај.

Со мерките предвидена е забрана за напуштање на живеалиштето односно престојувалиштето, обврска за нивно јавување на определено службено лице во судот, одземање на патната исправа односно забрана за нејзино издавање и забрана за комуникација со оштетениот, како и меѓусебна комуникација, но не и притвор како што бараше Обвинителството.

Back to top button
Close