Одбраната на сопственикот на „Пулс“ го повтори барањето за укинување на притворот, родителите жестоко негодуваа
На почетокот на денешното рочиште од судењето за пожарот во т.н. кабаре „Пулс“, одбраната на обвинетиот сопственик Дејан Јованов-Деко го повтори барањето ефективниот притвор да му биде заменет со куќен, поради влошената здравствена состојба. Бранителката на Јованов, адвокатката Ивана Коцевска, рече дека иако на рочиштето на 20 април го поднеле ова барање, по него сè уште не е одлучено.

Таа побара Обвинителството и Судот да покажат хуманост и да се изјаснат по предлогот во позитивна смисла.
„Го молам Судот да покаже малку човечност и хуманост, и одлуката да биде донесена непристрасно без притисок на јавноста“,кажа адвокатката.
Таа до Судот достави извештај од преглед што на обвинетиот Јованов му бил извршен вчера. На ова жестоко реагираа родителите на загинатите што беа присутни во делот за јавноста, кои со висок тон почнаа да извикуваат „срамота“, „пуштете го, ние ќе му пресудиме“. Адвокатката Коцевска побара ваквите изјави да бидат внесени во записник и родителите да бидат отстранети од судницата.
Сепак, судијката Диана Груевска-Илиевска рече дека засега ќе даде само предупредување.
Од Обвинителството, пак, рекоа дека по однос на барањето за укинување на мерката притвор и замена со куќен притвор за обвинетиот Јованов ќе се произнесат писмено. На забелешка од адвокатката Коцевска дека предлогот е поднесен пред осум дена и дека досега имало доволно време да ја разгледа медицинската документација, Судот праша дали Обвинителството може да се изјасни во моментот.
„Обвинителството не може да даде позитивно мислење“,рече обвинителот Борче Јанев.
Укинување на актуелната мерка куќен притвор денеска побара и одбраната на обвинетиот Беким Хаџиу, исто така, поради нарушено здравје.
„Предлагам укинување на мерката куќен притвор за Беким Хаџиу поради нарушено здравје. Има хронична хипертензија, или висок крвен притисок кој не се спушта под 180 со 110, а има закажано и хируршки зафат. Поради ова, Хаџиу има препорака за дневни пешачења надвор. Предлогот е испратен до Кривичниот совет кој го одби предлогот, затоа се обраќам до Судечкиот совет кој ги има сите извештаи. Бараме определување на поблаги мерки бидејќи нема опасност од бегство“рече одбраната.
Одбраната на Тодор Јованов, братот на Дејан Јованов-Деко, пак, побара укинување на мерката против него бидејќи смета дека тој во целост дал исказ за сите прашања кои биле од интерес на истрагата.
„Ние дадовме и гаранции во кои негови пријатели дадоа под хипотека куќи. Во однос на опасноста од бегство, тој нема од што да бега. Тој има фамилија тука. Го молам Судот куќниот притвор да биде определен во Скопје, каде што неговата сопруга има престојувалиште“ рече одбраната.
Одбраната на обвинетиот ексдиректор на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Шабан Салиу, побара да му биде укината една од актуелните пет мерки за претпазливост. (360Степени)






