Одложено рочиштето Мерко против Ќоку
Денешното судско рочиште, каде струшкиот градоначалник Рамис Мерко, го тужи пратеникот од Влен од Струга, Беким Ќоку за клевета се одложи, затоа што Ќоку од судот побара да обезбеди преведувач на албански јазик. Тоа судот не можеше да го обезбеди денес, по што адвокатот на Мерко побара рочиштето да биде одложено, а следното е закажано за 8 мај. Тужбата е затоа што пред повеќе од година и половина, на еден локален портал, Ќоку напиша дека Мерко е корумпиран, по што тој покрена тужба против него. Денес двете страни требаше да излезат со завршните зборови. Мерко на првото рочиште рече дека објавите на Ќоку, го вознемириле заедно со неговото семејство. Ќоку тужбата на Мерко ја оценува како трагикомична.
Во објавата на Ќоку тогаш меѓу другото стоеше:
„Додека начелото на Али Ахмети и Артан Груби, дека ДУИ треба да се исчисти од старите корумпирани фигури, куца токму со фактот што во нивните прегратки го држат, една од најкорумпираните и најненормалните фигури, Рамис Мерко“.
Инаку во тужбата на адвокатот на Мерко, Игор Петкоски стои дека со ваквата изјава на Ќоку, на Мерко му била нарушена честа и угледот.
„Имајки во предвид дека тужителот преживеа стрес по читањето на предметниот текст, истиот пред поднесувањето на оваа тужба, се обрати до вешто лице од медицинска струка-специјалист по психијатрија, со цел да биде утврдена душевна болка, кај него, а која настанала, како резултат на изнесените клевети и навреди од страна на тужениот. Во вештиот наод и мислење, изработено од вештото лице Изабела Филов од Битола, специјалист психијатар, се утврдува дека тужителот доживеал душевна болка поради атак на угледот и честа“, рече Петкоски.
Мерко бара утврдување на одговорност од сторена навреда и надомест на штета во висина од 30.000 денари. Инаку само еден месец, по ова вештачење, американскиот Стејт департмент го стави Мерко на Црната листа на САД и го прогласи за перосна нонграта, поради корупција и влијание врз судски предмети. Во моментот против Мерко има девет активни судски процеси, а тој на обвинителна клупа, ќе седне веќе на 24 јануари.