Одложено рочиштето за измама против Жан Митрев
Поради потребата од докомплетирање на правниот тим на одбраната се одложи денешното рочиште.
Д-р Жан Митрев беше присутен во судот при што изјави:
– Сѐ што очекуваме е фер судење, а заедно со адвокатскиот тим ќе ја докажеме вистината – рече Митрев.
Основното јавно обвинителство – Скопје поднесе обвинителен акт против доктор Жан Митрев, како физичко лице и Обвинителен предлог против неговата болница, како правно лице, за продолжено кривично дело „измама“ од член 247 од Кривичниот законик.
Советот за оценка на обвинителниот акт на 13 февруари го одобри во целост обвинението и за денеска го закжа првото рочиште.
Како што информираа од ОЈО Скопје за овој предмет, не станува збор за „измама на пациенти“, односно совесноста и несовесноста на лекувањето не е предмет на ова кривично дело, туку за класична измама, односно прикривање на клучни факти во однос на хемофилтрацијата, метод за кој пациентите не биле јасно информирани за сите негови позитивни и негативни ефекти, со што тие биле доведени во заблуда, а со цел противправно прибавување на имотна корист.
Во текот на постапката, како што информирааат од ОЈО Скопје, јавниот обвинител обезбедил докази за поткрепа на основаните сомненија дека обвинетиот, во периодот од јуни 2020 година до јуни 2022 година, со намера за правното лице – приватна здравствена установа да прибави значителна противправна имотна корист, со прикривање факти ги довел во заблуда оштетените пациенти лекувани во болницата од Ковид – 19, кај кои е извршена хемофилтрација и членови на нивните семејства, со што ги навел секој од нив да стори штета на својот имот во различни износи, а во вкупен износ од 97.461.600 денари или 1,57 милиони евра.
Обвинетиот на пациентите и во јавноста прикажувал дека методот хемофилтрација е одобрен да се применува и е ефикасен за лекување од Ковид-19, притоа користејќи ги приликите на здравствената криза предизвикана од пандемијата.
…






