Односите со Грција ќе се „скиселат“
Премиерот на Грција Мицотакис го повика идниот македонски премиер Мицкоски при претставувањето на владата во нашиот парламент да го употреби името Северна Македонија и да продолжи доследно да го користи тоа име за домашна и за надворешна употреба. Се разбира, ова би бил најбрзиот начин да се надмине нешто што може да прерасне во криза во меѓусебните односи меѓу Република Северна Македонија и Република Грција. Да се избегне нешто што може да ги „скисели“ нашите меѓусебни односи.
За жал, тоа нема да се случи. Слоганот „Никогаш Северна – само Македонија“ уште ечи во ушите на избирачите и тие, со право, очекуваат власта да го испорача ветеното.
На оваа тема, заглавени сме на подолг рок, барем во мандатот на новата власт. За социјалдемократите проблемот за името можеше да биде само тоа. За ВМРО-ДПМНЕ , влогот е многу поголем. Како што деновиве ќе напишат во соопштението од Стејт департментот, „името“ е длaбоко поврзано со идентитетот на партијата. Оттаму и американските сомнежи дека партијата може да испорача на ветувањето за европската перспектива на Македонија.
И навистина, што би останало од партијата без античкиот наратив, без асномскиот наратив за државата како Пиемот околу кој ќе се обедини Македонија во своите „етнички“ граници, без милениумскиот континуитет на македонската држава и јазик…?
Значи, ако услов да го прифати договорот од Преспа е губењето на идентитетот на партијата тоа, наскоро, нема да се случи. Она што ќе се случи е соочување со реалноста и спори промени во свеста под надворешен притисок. Наспроти предизборниот восклик на идниот премиер, „Да ја промениме реалноста. Да го промениме светот во кој живееме“, ниту ќе ја смениме реалноста во меѓународната политика, ниту ќе го смениме светот во кој живееме.
Токму спротивното: ние ќе треба да им се прилагодиме на светот и на меѓународната политика. Но, прилагодување на светот и како тој не дефинира како нација, како што видовме во договорот од Преспа, значи губење на идентитетот на партијата. Оттаму отпорот.
Соочена со одговорноста на владеењето (плати, пензии, економија, здравство, војска, полиција, школство и сето останато), власта бара спас во ставот дека договорот од Преспа ќе се почитува таму каде што мора но не и каде што не мора. Што мора а што не мора е тема за себе која, доколку воопшто дојде на преговарачка маса, може да прерасне во конфликт на интереси меѓу двете држави. Новата власт нема излезна стратегија од сегашнава ситуација. Повторно ќе се потроши многу време и енергија на прашање кое, сакавме да мислиме, е веќе затворено. Промената на политиката кон Грција ќе има каскаден ефект: како закономерност, ќе се прелее кај соседот а потоа и на односите со други држави. Во првата прилика, како што се избори, на пример, Нова Демократија ќе ја употреби темата за „името“за јакнење на својата позиција дома на ист начин како и сестринската партија ВМРО-ДПМНЕ од другата страна на границата. И ете беља.
Денко Малески