Куќа на славните – државата без слух
Слава за ентузијастите, но срам за системот
Трифун Костовски

Почитувани читатели, сакам да ја споделам радоста со вас дека на ден 25 мај 2026 година од порталот 24ракомет, добив признание дека сум дел од куќата на славните за исклучителен придонес, посветеност и оставен белег во развојот и афирмацијата на македонскиот ракомет.
Ова признание ми значи многу, бидејќи го добивам од портал каде се вработени новинари кои со децении наназад работат посветено на најсилниот спорт во Република Македонија, како на домашно , така и на меѓународно ниво, ракометот. Признанието во куќата на славните не е само лична чест, туку потсетник дека македонскиот спорт го граделе луѓе со срце и љубов, е не институции без визија.
Почитувани читатели, во ракометот влегов со љубов. Целта ми беше на спортски план да ја подигнеме нашата татковина. Нема спортска дисциплина која останала без моја финансиска поддршка. Сум помагал во ракометот, фудбалот, одбојката, кошарката. Сум помагал и на поединци спортисти во други дисциплини како бокс велосипедизам, карате и тенис, за нивен личен развој и промоција во земјата, како и надвор од Македонија.
Мојата поддршка на сите видови спорт имала само една цел, подигање на македонскиот спорт во очите на нашите сограѓани и во очите на светската заедница. Материјален интерес за мојата поддршка никогаш ниту сум имал, ниту сум очекувал. Сето тоа сум го дарувал со љубов.
Самиот настан создаде кај мене едно сознание дека сите спортови во Македонија каде што имаме забележано успеси, посебно на меѓународно поле, се прави од чесни поединци – ентузијасти . Ентузијазмот може да создаде чудо, но само системот може да го престори чудото во трајни вредности.
Љубовта кон спортот на овие поединци го подигна ракометот во очите на светската јавност. Но, Македонија не смее да живее само од чесни поединци туку со изграден систем за функционалност. Кога нешто од љубов се гради, а институциите рушат, не е добро за државата.
Македонија во ракометот на клупско и репрезентативно ниво е сериозен учесник на сите светски настани.
Основно прашање кое се поставува кај мене е која е улогата на државниот систем за поддршка не само на спортот туку и културата, уметноста, музиката? Со жалење констатирам дека поддршката е маргинална или просто кажано ја нема.
Државен авторитет во светот се гради преку спортот, културата, уметноста, музиката и сѐ она што има трајни вредности. Ентузијазмот кај поединците не е доволно решение за долгорочен развој, како во спортот така и во останатите општествени надградби.
Ќе споменам еден мал пример што значи ентузијазам на поединец споредено со систем за поддршка на спортот.
Кометал –Ѓорче Петров официјално веќе не постои, иако кон крајот на 90-те години и првата декада од овој век важеше како еден од најсилен, најмоќен женски ракометен клуб во Европа и светот.
Во 2002 година, во лигата на шампион Кометал-Ѓорче Петров гостуваше кај норвешкиот шампион Торнхајм, каде убедливо победивме на домашен терен.
Пред самиот натпревар беше организиран спектакуларен ручек, бевме поканети од домаќините. Присуствуваа повеќе од 500 поддржувачи на женскиот ракометен клуб од самото место.На видео-бимот на настанот, се појавија повеќе од 150 спонзори кои даваа силна поддршка на клубот. Прв пат во животот се почувствував бедно, бидејќи јас бев единствениот финансиер на Кометал. Се почувствував како некој вчерашен кој издвојува големи финансиски средства за нешто што нема да му се врати. Токму на овој настан ја научив првата лекција, дека една птица не прави пролет.
Таа иста година Кометал-Ѓорче Петров стана европски шампион. Кометал беше доказ дека можеме, но и опомена зошто туркаме кон пропаст.
Горд сум што оваа шампионска титула беше прославена во Македонија како настан кој ја врати надежта дека Македонија ќе зачекори во светот на модерните земји. Спортот ја прослави Македонија, а системот и натаму молчи
Чувството за ваквата невидена прослава на шампионската титула од страна на моите сограѓани ме дигна на пиедестал да не жалам што сум бил единствениот финансиер на мојот клуб.
Веднаш после овој настан презедов низа активности за афирмација на системот на финасирање кој го научив од Торнхајм, бидејќи Ѓорче Петров се стекна со светска слава.
Со жалење обзнанувам дека ниту една фирма како што се банки, производители на храна и пијалаци, разни трговски фирми, ИТ-компании и сл. не го прифатија предлогот за спонзорство на подолг период . Целта беше женскиот ракометен клуб Кометал-Ѓорче Петров да остане во рангот на моќните клубови во Европа и светот.
Торнхајм, женскиот ракометен клуб и денеска постои во Норвешка како редовен учесник во сите европски и клупски натпревари, а Кометал-Ѓорче Петров замина во историја. Спортот ја прослави Македонија, а системот и натаму молчи. Во Норвешка видов што значи да стои заедница зад клубот, а во Македонија почувствував што значи да си сам пред цела држава.
Почитувани читатели, без стратешки силно поставен систем за функционалност , во сите сфери на нашето живеење, не можеме да очекуваме резултати не само во спортот туку и во нашиот секојдневен живот. Ја плаќаме цената на нашето незнаење кое нема граници. Додека глупоста царува не можеме да научиме како треба да продолжиме во нашиот развој.
Државата и сите државни институции се заробени од криминал и корупција.
За мене и моето семејство 6 години се води истрага во Основното јавно обвинителство за стечајот на Еуростандард банка.
Истрагата ја води токму Јавниот обвинител Коларевиќ. Деновиве одекна веста дека истрагата за предметот „мазут” која ја води, е затворена за неполна 1 година.
Како е можно во мојот случај истрагата сѐ уште да трае, кога сите клиенти на банката, правни и физички лица се 100% обештетени?
Почитувани читатели, секојдневно го доживувам респектот од моите сограѓани без разлика на нивната национална и верска припадност. Љубовта ја читам од изразот на лицето и очите, зашто препознаваат во мене хуманост и чесност како поединец.
Како е можно моите државни институции и натаму кон мене да се однесуваат како кон жигосан поединец, кој не само што не треба да продолжи со борбата во име на правда, туку ни со животот. Сите врати од државните институции, каде секојдневно молам за прием, се затворени.
Признанието го примам со гордост, но и со горчина. Гордост, затоа што македонскиот ракомет остави белег во Европа и светот. Горчина, затоа што тој белег го создадоа чесни поединци, додека системот остана нем, отсутен и заробен. Македонија не смее повеќе да живее од случајни херои. Македонија мора да изгради систем што ќе ги препознава, поддржува и штити оние што ѝ го креваат угледот пред светот.
Продолжувам до конечна победа. Ако не успеам во мојата сакана Македонија, тогаш ќе продолжам низ светските арбитражи во Вашингтон и Париз.






