Мечијар, Груевски, Мицкоски – има ли паралели?
Љупчо Поповски
Неколкумина поискусни новинари и аналитичари кои имаат подолго политичко паметење и знаење за настаните во посткомунистичка Европа (како Борјан Јовановски, на пример), повеќепати споменуваат дека со ќор-сокакот кон Европа и антизападното расположение, Македонија има големи шанси да заглави како Словачка во 1990-те кога со неа владееше бескрупулозниот премиер Владимир Мечијар. Авторитарниот Мечијар падна од власта во 1998 година, но неговото владеење познато во пошироката политичка наука како „мечијаризам“ и натаму се проучува како образец како може да биде заробена една држава, да се разграбува имотот на државата од луѓето од власта и блиските до нив и да се поништат сите хоризонти за нејзината иднина.

Виктор Орбан често знаеше да каже дека тој бил Трамп пред Трамп. Но Владимир Мечијар беше тој што беше Орбан пред Орбан; кој ги трасираше автократските магистрали на една штотуку родена независна држава која се наоѓаше во првите демократски јасли. Словачка на Мечијар беше против ЕУ, против НАТО, проруски ориентирана. Трите нејзини соседи од Вишеградска група забрзано напредуваа кон западните демократии, додека Словачка тонеше. Не случајно Мадлен Олбрајт ја нарече Словачка „црна дупка на Европа“.
С. Македонија имаше искуство со својот Мечијар во Никола Груевски, кога тој стана половина Орбан пред Орбан. Со заглавениот европски пат, со условите што ги поставува Христијан Мицкоски кон ЕУ, со ставот дека чека покана од Унијата, но само ако била конструктивна („Ако некој смета дека оваа држава, која се наоѓа во срцето на Балканот… треба да биде дел од Европската унија, тогаш ние сме подготвени да направиме сè што е конструктивно, но не и деструктивно“.), дека ако треба Северна Македонија ќе чека децении и неколку генерации, тој повремено ги облекува чевлите на Владимир Мечијар. Многумина велат дека ова владеење може да ја претвори Северна Македонија во „црна дупка на Балканот“, иако системот не може да се нарече авторитарен, иако има целосна контрола на сите институции, и оние независните.
Вашиот новинар беше дописник на „Нова Македонија“ од Централна Европа со седиште во Прага во тоа време и ги следеше и поделбата на Чехословачка на две држави и подемот и владеењето на Владимир Мечијар. Таа приказна не се заборава и е неверојатна поука како може еден политичар да ги грабне оптимизмот и надежта на една нација, да ги стави под контрола и да ги гази со чизма. И како политичките либерални кругови, невладините организации, печатот и обичните граѓани се здружија заедно да го поразат овој автократ и да го исфрлат од власт за повеќе да не се врати и покрај неколкуте обиди.
Еве ја таа сторија.
Кој беше Орбан пред Орбан?
Владимир Мечијар ја изведе Словачка од заедничката чехословачка држава на 1 јануари 1993 година без референдум, и ја создаде ерата позната како мечијаризам, мачното наследство со кое Словачка и денес сè уште се бори.

Тој беше на спротивниот пол на демократијата во политиката од тогашниот претседател на Чехословачка, дисидентот, хуманистот, ерудитот, драмскиот писател, Вацлав Хавел. Роден во 1942 година, со кариера како аматерски боксер, Мечијар беше дел од младинското движење на комунистичката партија на Чехословачка, а потоа изненадувачки се искачи на врвот по Кадифената револуција. Во осумте години по падот на комунистичкиот режим тој беше три пати словачки премиер: 1990–1991, 1992–1994 и 1994–1998. Накратко беше и вршител на должноста претседател на државата во 1998 и тогаш ги направи едни од најголемите прекршувања на демократските норми.
Неговите методи генерално не беа суптилни, туку груби. Во озлогласената „Ноќ на долги ножеви“ од ноември 1994 година, партијата ХЗДС (Движење за демократска Словачка) на Мечијар и неговите два сојузници, антиунгарската националистичка Словачка национална партија (СНС) на Јан Слота и троцкистичката партија Унија на работниците на Словачка (ЗРС) на Јан Љуптак, ја експроприраа државата во дводневна, 23-часовна парламентарна седница: тој го смени раководството на Врховниот завод за ревизија, генералниот обвинител, советите и раководителите на јавните медиуми, отпушти 38 лица од клучни позиции и го презеде претседателството на сите парламентарни комисии.
Словачка излезе од комунистичкиот режим за да се трансформира во држава со голема корупција, мафијашки државни вмешувања, проруска пристрасност во надворешната политика и сурова антидемократска политика на моќ. Многу брзо под власта на Мечијар, Словачка се лизна во западна изолација; јавните медиуми и државните институции беа користени како политичко оружје; приватизацијата беше користена за градење клиентела; а тајната служба работеше против политичките противници.
Грабнување на синот на претседателот
Претседател на државата во тоа време беше Михал Ковач, кој беше дел од неговата партија ХЗДС, но се дистанцира од неа кога владеењето почна да станува авторитарно. Ковач стана најголемиот политички противник на Мечијар и ѝ се приклучи на демократската опозиција. Начинот на којшто тој требаше да се елиминира од политиката беше без преседан, барем во Европа.
Тајната служба, која тогаш ја водеше неговиот доверлив соработник Иван Лекса, го киднапираше синот на Ковач, Михал помладиот, го принуди да пие виски, го мачеше со електрошокови. Тајните агенти тајно го пренесоа во автомобил преку границата во Австрија и речиси во бесознание го оставија пред една полициска станица во соседната држава. Планот беше австриската полиција да го екстрадира во Германија поради потерница за киднапирање, што беше во сила против помладиот Ковач. Австријците на крајот не го екстрадираа, а германските власти ја повлекоа потерницата кратко потоа, а улогата на тајната служба во операцијата брзо стана јавна.
Кога накратко стана вршител на должноста претседател по завршувањето на мандатот на Михал Ковач во 1998 прво што направи Мечијар беше да даде амнестија за „кривични дела поврзани со киднапирање“ и дејствијата на министерот за внатрешни работи одговорен за саботирање на референдумот во 1997 година за директни претседателски избори. Тој самиот се ослободи себеси и своите подредени од какви било можни правни последици за скандалозното киднапирање.
Две години претходно, во 1996, поранешниот полицаец Роберт Ремијаш, пријател на клучниот сведок на обвинителството во истрагата за киднапирањето, Оскар Фегивереш (кој учествувал во акцијата) беше убиен од автомобил бомба во Братислава. Во 2017 година беше снимен напнатиот политички трилер „Киднапирање“ за грабнувањето на Михал Ковач помладиот, кој ги полнеше кино-салите. (Тој филм кусо потоа ѝ беше прикажуван на екипата на Специјалното јавно обвинителство во Скопје за да разберат што може да прави тајната служба во друга држава.)
Поранешниот агент на СИС Фегивереш го призна киднапирањето во полициска изјава во 1995 година, а потоа избега во странство и комуницираше со словачката јавност исклучиво преку својот пријател Ремијаш, сѐ додека тој не беше убиен.
Пред грабнувањето на синот на претседателот, во пролетта 1994 со помош на Михал Ковач и со поделбата во ХЗДС во парламентот се создаде мнозинство кое го отстрани Мечијар од власта и го замени коалиција од опозициски партии. Но за кратко. Потоа дојдоа изборите кога Мечијар повторно победи (во септември 1994 година) и тогаш коалицијата на социјалните популисти од ХЗДС, националистите од крајната десница и троцкистите започна политичка и друга одмазда. Мечијаризмот почна да „дивее“.
Граѓанска кампања
Овој мечијаризам во основа значеше систем на авторитарна држава што ги ограничуваше правата на опозицијата, го кршеше уставот, се обидуваше да го цензурира печатот, се обидуваше да го потисне граѓанското општество и неговите организации, се обидуваше да ги потисне сите поголеми права на етничките групи и националностите.
Општеството беше екстремно поларизирано. Граѓанското општество почна да се активира. Се основа Граѓанска кампања или ОК ’98 (кратенката беше амблематична), која постепено се организираше како значаен, силен и еден од одлучувачките елементи што придонесоа за промената во државата.
Започнаа неколку десетици различни видови кампањи, тркалезни маси, дискусии, дебати, концерти, театарски претстави, различни форми што им се обраќаа на различни класи. Се спроведе Марш низ Словачка, кој траеше 15 дена. Во текот на тие 15 дена активистите посетија речиси 1.000 словачки градови и места. Институтот за јавни работи објавуваше извештаи од неколку илјади страници во тоа време. А овие извештаи требаше да бидат кондензирани во три страници, кои беа отпечатени во половина милион примероци и беа дистрибуирани низ цела Словачка. Тоа личеше како втора Кадифена револуција во Словачка.
На изборите во 1998 партијата на Мечијар беше прва, освои 27 отсто од гласовите, но никој не сакаше да влезе во коалиција со неа. ХЗДС беше целосно изолирана. Владата ја состави десниот центар, премиер стана Микулаш Ѕуринда. Ја демократизира Словачка со огромна брзина, државата успеа да го надополни заостанатото во однос на своите соседи и да се приклучи на бранот на проширување на ЕУ во 2004 година.
Но Мечијар не беше целосно поразен. Се обиде да се врати следната година на првите директни претседателски избори. Можеше да мобилизира огромен број поддржувачи во руралниот, постар, националистички табор во земјата. ХЗДС, не се распадна преку ноќ. Во очите на многу гласачи, поранешниот премиер не беше уништувач на демократијата, туку татко на независна Словачка, кој беше заеднички соборен од „братиславските либерали“, унгарските партии нелојални на словачката држава, амбасадите на западните земји и либералните медиуми.Мечијар во кампањата ги обвини истите луѓе за неговиот пораз во 1998 година. Мечијар стигна до вториот круг на претседателските избори во 1999 година со 37%, каде што на крајот беше поразен од Рудолф Шустер, кандидатот на владејачката партија, со 57-43 проценти. Кампот на Мечијар повеќе не беше мнозинство, но сè уште остана силен. Во ноември 2000 година, Мечијар се обиде да го собори Ѕуринда со референдум за распишување предвремени избори – ова е можно во Словачка – но излезноста од 20 отсто беше 30 процентни поени под нивото потребно за валидност. На изборите во 2002 година влијанието на ХЗДС дополнително се намали – освои 19,5 проценти. Во 2004 Мечијар учествуваше на уште едни претседателски избори, влезе во вториот круг и загуби од Иван Гашпарович. И потоа неговото влијание одеше сѐ подолу и подолу.
Тој веќе не беше најпопуларниот лидер на опозицијата на владата на Ѕуринда: тоа беше младиот популистички левичарски политичар во подем, Роберт Фицо. Партијата ХЗДС беше распуштена во 2014 година.
Политичка кариера на Мечијар одамна заврши, но приказната за него (сега има 82 години) сѐ уште се негува во одредени кругови во Словачка. Неодамна излезе од печат книгата „Феноменот на Мечијар“ од една негова блиска соработничка од тоа време која содржи блескави приказни за него како мудар државник и татко основач на словачката држава. Таа е полна со напади врз Европската унија придружени со теории на заговор со погрешни факти и се наведува дека критиките кон неговата влада доаѓаат од антинационален „октопод“; медиумите и политичката опозиција наводно дејствувале за странски интереси; а организациите на граѓанското општество требало да бидат запрени од самиот почеток.
Мечијар е опишан како човек со „речиси неверојатна меморија, непоколебливи убедувања, јасни цели и посветеност на својата татковина“ – квалитети за кои се вели дека го довеле „во центарот на восхитот“.
Нешто можеби ви личи познато. (Dw)






