Околу 2.000 малолетници без придружба во Сеута би можеле да останат во Шпанија
Голем дел од малолетниците без придружба кои моментално се сместени во шпанската енклава Сеута ќе останат во Шпанија доколку тоа го посакаат, потврди министерката за млади и деца Сира Рего. Таа посочи дека шпанските закони ги штитат малолетниците и дека нивниот статус се применува еднакво, без оглед на нивното потекло.

„Верувам дека повеќето од нив сакаат да останат во Шпанија и, секако, ќе останат. Постои закон кој ги штити“, изјави Рего за радиостаницата „Кадена СЕР“.
Според податоците на централната влада, во Сеута моментално има меѓу 2.500 и 3.000 малолетници без придружба. Од нив, според коригираните полициски податоци, околу 1.500 пристигнале за време на масовното преминување на границата кон крајот на јули, додека околу 500 се наоѓале во областа и пред летниот бран. Се проценува дека меѓу 500 и 700 деца сè уште не се опфатени со системот за заштита.
Рего нагласи дека дел од децата пристигнале во Шпанија бегајќи од насилство или од исклучително тешки околности и дека државата има обврска да им обезбеди заштита.
„Нашата должност е да ги заштитиме“, порача министерката, додавајќи дека политиката треба да се спроведува во согласност со законот и владеењето на правото, но и со емпатија.
Нејзиниот став, сепак, се разликува од позициите на други министри од редовите на Шпанската социјалистичка работничка партија (ПСОЕ), која е водечка сила во владејачката коалиција.
Рего призна дека соработката со мароканските власти е главно ограничена и дека од Мароко ретко пристигнува брз и конструктивен одговор, што, според неа, редовно создава дополнителни проблеми.
И покрај тоа, шпанскиот премиер и клучни министри, меѓу кои и министерот за внатрешни работи Фернандо Гранде-Марласка, и натаму тврдат дека нема докази оти Мароко активно учествувал во поттикнувањето на масовното преминување на границата. Тие ставови не се променети ниту речиси два месеца по големиот прилив на мигранти.






