ОН: Нагло зголемување на производството на опиум во Авганистан
Производството на опиум во Авганистан нагло се зголемило и е петпати поголемо во споредба со истиот период минатата година, се наведува во извештај на Канцеларијата на Обединетите нации за дрога и криминал (УНОДЦ) со седиште во Виена.

Талибанците кои владеат со земјата, во 2022 година го забранија производството на дрога и уништија големи површини со афион.
Сепак, најновиот извештај на УНОДЦ покажува зголемување од 330 проценти на површините под афион, што се прошируваат и во дополнителни провинции. Опиумот се добива од млечниот сок на афионот.
„Четирикратното зголемување на површините под афион покажува колку е тешко долгорочно да се намали нелегалното одгледување кога сиромашните земјоделци немаат средства да ги прехранат своите семејства“, изјави директорката на УНОДЦ, Моника Џума.
Авганистан се соочува со тешка хуманитарна криза, а многу жители едвај обезбедуваат храна. Кога талибанците ја спроведоа забраната за одгледување афион, земјоделците главно не добија ниту надомест ниту можност за обезбедување друг извор за егзистенција.
Иако производството на опиум и натаму е значително под нивото пред забраната, вкупните приходи на посредниците во извештајниот период се проценуваат на 525 милиони долари, што е приближно на просечното ниво забележано во периодот од 2018 до 2021 година, се наведува во извештајот.
Цените на опиумот исто така се зголемија во последните години, делумно поради недостигот на пазарот предизвикан од забраната во Авганистан.
Авганистанскиот министер за надворешни работи, Амир Кан Мутаки, во вторникот изјави дека напорите за сузбивање на производството на дрога треба да се координираат со соседните земји.
Дејвид Менсфилд, водечки експерт за одгледувањето афион во Авганистан, во август предупреди на раст на производството на опиум и во соседните Иран и Пакистан.






