ОН: Поранешниот режим во Бангладеш можеби извршил злосторства против човештвото
– Обединетите нации го обвинија соборениот режим во Бангладеш, предводен од поранешната премиерка Шеик Хасина, за потенцијално извршување злосторства против човештвото за време на бруталното справување со минатогодишните протести во кои, наводно, загинаа 1.400 луѓе, јави ДПА.
Последниот извештај на Канцеларијата на Високиот комесаријат за човекови права на ОН, објавен денеска во Женева, нашол докази за формална политика чија цел е насилно да ги нападне антивладините демонстранти и нивните поддржувачи.
Извештајот покрена загриженост дека овие дејствија може да се квалификуваат како злосторства против човештвото, што гарантира дополнителни кривични истраги.
Протестите, кои ескалираа во широко распространет бунт низ Бангладеш минатото лето, кулминираа со соборувањето на Хасина од функцијата на 5 август, ставајќи крај на нејзиното 15-годишно владеење.
Сега во егзил во Индија, Хасина и нејзините помошници се соочуваат со бројни кривични пријави поврзани со нивниот насилен одговор на востанието.
Во изјавата придружена со извештајот, шефот за човекови права на ОН, Волкер Турк, го опиша насилното задушување како намерна и координирана стратегија од страна на поранешната влада да се држи до власт во услови на широко распространето противење.
Тој ја обвини претходната администрација, безбедносните и разузнавачките служби, како и насилните елементи поврзани со партијата Авами лига на Хасина, за тешки прекршувања на човековите права.
-Сведоштвата и доказите што ги собравме прикажуваат вознемирувачка слика за неконтролираното државно насилство и насочени убиства, кои се меѓу најсериозните прекршувања на човековите права и кои исто така може да претставуваат меѓународно злосторство, додаде Турк.
Во извештајот на ОН се проценува дека меѓу 1 јули и 15 август можеби биле убиени до 1.400 луѓе, а илјадници други се повредени.
Повеќето од жртвите, наводно, биле застрелани од безбедносните сили, а 12 до 13 проценти од убиените биле деца, се додава