ОН усвои резолуција предложена од Кина, поддржана од САД, за пристап до вештачката интелигенција

Генералното собрание на Обединетите нации усвои резолуција предложена од Кина, поддржана од САД, со која се повикуваат богатите развиени земји да го премостат се поголемиот јаз со сиромашните земји во развој и да обезбедат да имаат еднакви можности да користат вештачка интелигенција.

Резолуцијата беше усвоена вчера по усвојувањето на првата резолуција на ОН за вештачка интелигенција на 21 март, предложена од САД. Усвојувањето на двете необврзувачки резолуции покажува дека САД и Кина, ривали на многу полиња, се решени да бидат клучни играчи во обликувањето на иднината на вештачката интелигенција и да соработуваат во првите големи меѓународни чекори на ова поле.

Усвојувањето на двете резолуции со консензус на 193 членки на Генералното собрание на ОН покажува широка глобална поддршка за заедничка стратегија поврзана со развојот на вештачката интелигенција. И американската и кинеската резолуција предупредуваат на опасностите од користењето на вештачката интелигенција, истовремено истакнувајќи ги нејзините потенцијални придобивки во промовирањето на економскиот развој и животот на луѓето ширум светот.

Back to top button
Close