Орбановата медиумска сенка се надви над можната продажба на Н1 и Нова
Можната продажба на медиумите Н1, Нова, Данас, Радар и подгоричките „Вијести“ доби нова политичка тежина откако во Унгарија беше отворена истрага против компании поврзани со Ѓула Балаши, еден од најважните медиумски и комуникациски играчи од ерата на Виктор Орбан, пишува Новарс.

Балаши претходно бил партнер на инвестицискиот фонд „Alpac“ при купувањето на „Euronews“, а токму „Alpac“ сега се споменува како потенцијален купувач на дел од медиумите во рамки на Adria News Network.
Унгарската полиција соопшти дека ги истражува компаниите на Балаши поради сомнение за проневера и перење пари, а замрзнати се и сметки и средства на неговите фирми. Балаши со години беше дел од комуникациската инфраструктура на владите на Орбан, неговите компании работеле на владини кампањи, а според Reuters добивале големи државни договори додека Фидес беше на власт.
Случајот доби дополнителна тежина затоа што Балаши, непосредно пред преземањето на власта од Петер Маѓар, понуди неговите компании и дел од инвестициите да преминат во државна сопственост. Тој тврди дека тоа не го прави затоа што има што да крие или затоа што било направено нешто незаконски, туку затоа што работата што неговите фирми ја извршувале за државата, според него, ја надминувала обичната пазарна комуникација.
За регионот, проблемот не е само во унгарската истрага. Проблемот е во можниот медиумски трансфер што би можел да ги стави едни од најважните независни редакции во Србија, Црна Гора и регионот под сопственичка структура што веќе била поврзувана со Орбанови кругови. Неделникот „Време“ објави дека „Alpac Capital“, сопственик на мрежата „Euronews“, преговара за купување на Н1 и други медиуми на United Group, додека ANN соопшти дека прашањата за сопственоста се во надлежност на акционерите, а дека мрежата е насочена кон заштита на уредувачкиот интегритет.
Сомнежите околу „Alpac“ не почнуваат сега. Истражување на Direkt36, Le Monde и Expresso уште во 2024 година откри дека значаен дел од парите за преземањето на „Euronews“ дошле од унгарски државен фонд и од актери поврзани со владините комуникациски кампањи на Орбан. Во истражувањето се наведува дека 45 милиони евра дошле преку унгарскиот државен инвестициски фонд, а 12,5 милиони евра како заем од New Land Media, компанија во сопственост на Балаши.
Европската федерација на новинари тогаш повика на парламентарна истрага во Франција за да се расветли потеклото на парите со кои „Euronews“ беше купен, наведувајќи дека најмалку една третина од средствата доаѓале од извори поврзани со Орбан и со унгарски владини актери. Тоа ја прави секоја нова медиумска аквизиција на „Alpac“ политички чувствителна, особено кога станува збор за редакции што во регионот се препознаени како критички кон власта.
По падот на Орбан, Унгарија веќе влегува во фаза на медиумско расчистување. Reuters објави дека унгарскиот антимонополски орган отвори истрага и за купувањето на медиумските средства на Ringier Hungary од страна на Indamedia, група делумно поврзана со бизнисмен близок до досегашната власт. Новата власт на Маѓар најавува обновување на медиумските слободи, нов медиумски закон и независно регулаторно тело.
Токму затоа можната продажба на Н1, Нова и другите медиуми не може да се гледа како обична деловна трансакција. Во регионот каде медиумската сопственост често значи политичко влијание, прашањето не е само кој има пари да купи медиуми, туку кој стои зад тие пари, какви врски носи со себе и дали редакциите ќе останат заштитени од политички притисок.
Ако „Alpac“ навистина стане купувач, главното прашање нема да биде само дали ќе има формални гаранции за уредувачка независност. Главното прашање ќе биде дали тие гаранции ќе бидат посилни од политичките и финансиските мрежи што со години се градеа околу Орбановиот медиумски модел. Унгарската истрага против Балаши само ја прави таа дилема уште поостра.






