ОСЛОБОДЕТЕ ГИ ОСЛОБОДИТЕЛИТЕ

Најслатко е кога ќе обвиниш некој друг за твоите грешки. И притоа, спиеш на уво дека никој не се сеќава на нив.

Супер е што Владата решила да ги укине економските директори на скопските клиники. Останува уште – да ги укине. После 10 изјави и 5-6 соопштенија и три-четири интервјуа во кои се зборува за  намерата да се укинат директорите, што од пратеници, што од Владата, што од самиот премиер, останува уште да се смени законот. И новиот закон да се изгласа во Собранието. Дотогаш, економските директори законски уште си постојат.

Економските директори беа воведени во 2006 и покрај противењето на стручната јавност, како една од првите клучни реформи на Владата на Никола Груевски. Скопскиот клинички центар беше поделен на 32 клиники, со 56 директори и 142 члена на управни одбори.  Владата на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ си работеше 10 години по тој закон.

СДСМ во изборната програма во 2016 напиша дека ќе ги укине економските директори. Дури си дадоа и рок – до 1 декември 2017. Арбен Таравари, кој и тогаш беше министер за здравство, разреши неколку економски директори, но системот не го укина. Не даваше ДУИ.

Само, не знам дали кога премиерот Христијан Мицкоски вели дека дуализмот во менаџирањето на клиниките создава проблеми во функционирањето на здравството, мисли само на осумте години кога на власт беа СДСМ и ДУИ, или и на десетте години кога на власт беа ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Или, во нивно време ДУИ даваше подобри кадри за економски директори.

Мицкоски вели дека со укинувањето на економските директори ќе има „намалување на функционерите во здравството, стоп за дуализмот и лоцирање на одговорноста“, а со реформата „ќе имаме обединување на сите клиники во една институција, еден Клинички центар“.

Супер ќе биде кога ќе се укинат економските директори. Ќе останат повеќе пари за медицинските работници и за опрема. Супер ќе биде кога Владата на ВМРО-ДПМНЕ ќе го смени законот што го донесе Владата на ВМРО-ДПМНЕ. И супер е што Владата на ВМРО-ДПМНЕ ќе го обедини Клиничкиот центар што Владата на ВМРО-ДПМНЕ го растури.

Супер е кога се учи од грешките. Ама, најслатко е кога ќе обвиниш некој друг за твоите грешки. И притоа, спиеш на уво дека никој не се сеќава на нив.

Целата колумна на Горан Михајловски на СДК.МК

Back to top button
Close