Османи: Се додека поддршката на Брисел за проширувањете е недвосмислена, ние треба да продолжиме да работиме

Се додека доаѓа претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и вели дека поддршката за проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан е недвосмислена, ние само треба да продолжиме да работиме, да се покажеме и докажеме и да ги убедиме дека заслужуваме да бидеме дел од Унијата, изјави министерот за надворешни работи Бујар Османи при гостувањето во „Утрински бриф“ во врска со објавената наводна нацрт-декларацијата за Самитот ЕУ-Западен Балкан во Брдо кај Крањ, во која се тврди дека ЕУ „веќе не може да се усогласи да даде гаранција за идно членство на шесте балкански земји“.

– Во подготовките на телата на ЕУ за заедничката декларација која треба да се усвои на Самитот во Брдо се појави дилемата дали овој самит е воопшто за проширување и дали зборот „проширување“ треба да стои во тој документ. Некои тоа го интерпретираат како продолжување на евроскептицизмот на одредени држави, што не е ништо ново. Други го интерперетираат повеќе во дефинирање на конкретниот самит, дали е самит на проширување или е самит во кој само се покажува фокусот на ЕУ кон Западниот Балкан, вели Османи.

Шефот на дипломатијата посочува дека без разлика за која варијанта и да станува збор, пораката не е добра во однос на едногласноста на ЕУ во односот кон Западниот Балкан, што сепак, како што вели, но не е ништо ново.

– Има земји членки кои сметаат дека ЕУ претешко функционира за да може да дојдат да се зачленат уште шест нови земји членки, да се закануваат со нивните права на вета, со нивните комесари, потенцира Османи.

Но, според него, сепак е добро што на Самиот во Брдо кај Крањ на иста маса ќе седнат челниците на ЕУ и на земјите од Западниот Балкан и повторно ќе се разгледуваат перспективите на регионот.

Тој нагласува дека без разлика на некои делови од нацрт-резолуцијата, сепак во неа се посочува оти ЕУ е посветена на членство на регионот и дека таа опција е без алтернатива.

– Се додека доаѓа фон дер Лајен во Скопје и вели дека недвосмислена е поддршката ние само треба да продолжиме да работиме, да се покажеме, докажеме и да ги убедиме дека ние заслужуваме да бидеме таму, бидејќи тоа не ни следува по дифолт, потенцира Османи.

Во нацрт-декларацијата за самитот ЕУ-Западен Балкан во Брдо, чии делови вчера пренесоа западни медиуми повикувајќи се на изјави на четворица дипломати, наводно ќе биде посочено дека Европската унија, плашејќи се од политички реакции во земјите членки, веќе не може да се усогласи да даде гаранција за идно членство на шесте балкански земји, иако тоа им беше ветено.

Според дипломатите, богатите земји членки на ЕУ, како Данска, Франција и Холандија, стравуваат од повторување на брзото интегрирање во Унијата, како во случајот со Бугарија и Романија во 2007 година, но и од можно лошо менаџирање на миграцијата на работната сила, по примерот на напливот на работници во Велика Британија, што доведе до зголемување на евроскептицизмот кај многу Британци.

Во текстот се посочува дека Бугарија го блокира приклучување на Северна Македонија во ЕУ поради „спорот околу јазикот“, но се додава дека „дури и да се дојде до некаков договор, лошата состојба ја одразува парализата на планот на ЕУ да изгради „прстен на пријатели“ од Украина до Тунис, нудејќи поблиски врски, трговија и помош“.

– Државите кои се залагаат за проширување, вклучувајќи ги Австрија, Италија, Хрватска, Словенија и балтичките земји, ги осудуваат Германија и Франција затоа што не ја притиснале Бугарија да го укине ветото, се додава во написот.

Back to top button
Close