Османи за експлозијата во каналот Ибар-Лепенец: Српските криминални банди повторно ќе се поразат

Косовската претседателка, Вјоса Османи синоќешната експлозија во каналот Ибар-Лепенец кај Зубин Поток, во северно Косово, ја нарече терористички чин и порача дека „српските криминални банди губат во секоја битка со институциите на Косово“ и дека „повторно ќе се поразат“, јави дописникот на МИА од Приштина.

Османи во објава на својата страница на Фејсбук вели дека тоа се „кукавички обиди за напад на виталната инфраструктура на Републиката преку терористички акти“.

– Од витално значење е заштитата на уставноста и законитоста во секој агол на државата и бескомпромисната борба против овие криминални елементи, напиша Османи.

Таа побара смиреност и разумност од граѓаните додека институциите се занимаваат со расветлување на случајот и санирање на штетите.

– Покрај нашите институции, и нашите меѓународни безбедносни партнери веднаш понудија помош за санирање на настанатата штета и за снабдување со вода, како и за истрага на овој чин против државата и нашите граѓани, напиша Османи.

Силна експлозија се случи синоќа во селото Варага во Зубин Поток, во северно Косово, од која е оштетен водоснабдувачкиот систем Ибар-Лепенец во тој регион.

Back to top button
Close